3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПо што е различна новата кинеска банка? Напуштање на Бретон Вудс системот

По што е различна новата кинеска банка? Напуштање на Бретон Вудс системот

asian_infrastructure_investment_bank_shutterstock_040615-660x330

Кога кон крајот на 2013 година Кина предложи основање на Азиска банка за инфраструктура и инвестиции (Asian Infrastructure and Investment Bank), се надеваше со тоа да понуди регионална алтернатива на мултинационалните институции од системот на Бретон Вудс (меѓународен систем кој ги утврдува правилата на комерцијалните односи помеѓу развиените земји и кој е основа за создавањето на ММФ и Светската банка, наречен според првиот состанок во 1944 година во Бретон Вудс во САД), во кој Азија е многу слабо претставена.

Кога 58-те земји-членки на новата банка ги игнорираа предупредувањата од Вашингтон и се приклучија кон банката на почетокот на годинава (вклучувајќи и сојузници на САД и членки на Г-7, како што се Франција, Германија, Јужна Кореја и Велика Британија), Кина сфати дека создала потенцијална претходница за воспоставување алтернативен светски економски поредок.

Создавањето на АБИИ значи дека Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, двата доминантни играча во развојното кредитирање и меѓународната финансиска регулација, сега имаат азиски двојник. Иако сите три банки целат кон тоа да обезбедат глобална финансиска стабилност и да го поттикнат економскиот раст во земјите во развој, тие исто така активно ги промовираат националните интереси и политичкиот светоглед на нивните најмоќни членки.

Сличностите помеѓу АБИИ, ММФ и Светската банка се очигледни. Но, постојат и неколку клучни разлики. Западната помош и развојните потфати се насочени кон ширење на либералната демократија и на нивните сопствени институционални рамки. Кина, од друга страна, се држи до својата политика на дистанца од внатрешните работи на другите држави. Всушност, Меморандумот за основање на АБИИ има забележително слични оперативни насоки на банките од Бретон Вудс системот, но им забранува на членките да влијаат врз политичките случувања.

Дали светот стигна до точката од која за политичкиот притисок од доминантните држави повеќе нема место во развојното кредитирање? Ако АБИИ е индикатор, тогаш главните економии и помалку развоените земји се отворени кон оваа идеја. Во новата ера Бретон Вудс системот не може да продолжи со промовирање на либералната демократија, слободните пазари и западните институции на владеење, ако сака ефективно да го предводи светскиот економски поредок. И, кога смне веќе на таа тема, лидерството на САД на глобалната економија ќе мора да престане да биде пристрасно кон западната неолиберална ортодоксност.

Фрустрации од Бретон Вудс

АБИИ се роди од двете главни поплаки за Светската банка и ММФ кои Кина и помалку развоените држави ги споделуваат. Како прво, како што во изминативе 30 години растеа економиите на овие држави, нивната гласачка моќ во рамките и на двете организации останаа на исто ниво, што доведе до диспропорционално ниско влијание и во управувачките иницијативи и и во кредитните програми.

Бројот на гласови кои им се доделуваат на земјите членки на Светската банка и ММФ се одредува според капиталот со кој придонеле и според обемот и стабилноста на нивните економии. Тековно делот гласови на Кина е помал од тој на Велика Британија, наспроти неспоредливо поголемата економија. Индија за малку не влегува на листата на десетте најголеми блокови на гласови, а Италија е поставена на средината на таа листа. Во 2013 година економиите во подем полнеа половина од глобалниот БДП врз база на куповната моќ. Сепак, гласачката моќ во ММФ и во Светската банка е се уште 60 наспроти 40 проценти во корист на напредните економии, со тоа што блокот гласови на вашингтон останува константен на околу 17 проценти, иако околу 73 проценти од земите во развој растеа побргу од САД од 1990 година наваму, со стапка од 3,3 проценти годишно.

Втората поплака е врзана за условеноста на заемите од ММФ и од Светската банка. Добрите институции и економски политики, вели нивниот резон, ќе доведе до поголема веројатност заемите да бидат вратени и ќе ги намали шансите да им потреба од програма за спас во иднина. И така заеми им се даваа само на оние кои ќе ветеа дека ќе ги скастрат националните буџети за да одбегнат тековни дефицити (при што обично први страдаа социјалните програми), ќе ги намалат царините и ќе ја зголемат отвореноста на финансиските пазари. Пакетот неформални критериуми на Светската банка, познат како „Милениумски развојни цели“, оценуваат колку една земја добро ги искористила фондовите, при што хуманитарните мерки, како што се сртност на децата и бројот на нови епидемии, се земаат како показатели заедно со оценката на демократските процеси во земјата и транспарентноста на владата. Во екот на азиската финасиска криза од 1997 година, критиките за условеноста го достигнаа врвот. Кога летото таа година колабираше тајванскиот бат, многумина го обвинуваа ММФ за тоа што ја присили земјата да ги отвори своите финансиски пазари пред да се воспостави правилна финансиска регулатива. Во текот на кризата тајванската економија стана ранлива на шпекулации и ја плати цената кога инвеститорите ги загубија своите облози. Истата програма на отвореност беше применета при зајмите на ММФ за поголемиот дел од Азија, вклучувајќи ги и програмите во Индонезија и во Јужна Кореја, што ги изложи тие држави на финасиско загадување. Решението на ММФ за кризата беше да имплементира мерки за штедење во државите кои беа најпогодени од неа. Како услов да ги добијат пакетите за спас на ММФ и Индонезија и Тајван мораа да ги скастрат нивните фискални буџети, отфрлајќи ги во процесот социјалните програми за да можат да ги платат каматите на заемите. Како резултат, невработеноста се вивна и Индонезијците излегоа на улиците да протестираат поради загубените работни места, стагнацијата на реалните плати (поради инфлацијата) и укинувањето на националната субвенција за горивата. Згора на тоа, ММФ предложи Јужна Кореја неодложно да ја фокусира својата централна банка кон независност и контрола на инфлацијата, политика која многу малку ќе стореше во смисла на потикнување на заздравувањето и, наместо тоа, ќе ја охрабреше банката да остане затворена кон политички популарните мерки, дури и кога беа корисни. Јужна Кореја одлучи да ги игнорира овие совети. Индонезија, пак, затвори 16 приватни банки, оставајќи ги штедачите без покритие и целосно ги истурка од финансискиот систем.

Латинска Америка беше можеби најсилно погодениот економски регион надвор од Азија во 1997 година. ММФ ги наметна истите политики и таму, а реакцијата од локалното население беше уште понагласена. Соочени со епидемиската невработеност и без никаква безбедносна мрежа, урбаното насилство и сивата економија ги зафатија Аргентина, Бразил, Мексико и други држави. Како резултат на тоа, многу економии во Латинска Америка се свртија кон алтернативни извори на финансирање, кои беа достапни без неолибералните политички услови и ги оставија договорите со ММФ едноставно да истечат.

Проверката неколку години по кризата покажа дека спасувачкте политики на ММФ дале разочарувачки резултати. На почетокот на 2000-те, зафатените источноазиски економии имаа примања и до 30 проценти помали од очекуваните ако им се дозволело да растат според предкризните стапки. На пример, Индонезија во 2001 година имаше 5,3 проценти помалку производство отколку во 1997 година. Тајланд, за кој се чинеше дека подобро се снаоѓа со мерките на ММФ отколку неговите соседи, се уште се немаше вратено на предкризните стапки на раст. Откако латиноамериканските држжави ја започнаа транзицијата кон слободен пазар под водство на ММФ по хиперинфлацијата во 1980-те години, годишниот раст падна од 2,8 проценти на 0,3 проценти.

И други региони во светот кои беа цел на зголемена активност на ММФ во истиот период страдаа на сличен начин. Растот на субсахарска Африка падна на 0,8 проценти годишно, упадливо спротивно на растот од 1,6 проценти годишно во текот на претходните 20 години. Во посткомунистичка Источна Европа само опет држави постигнаа раст на ниво од 80 проценти или повеќе од нивото пред 1989 година.

Условеноста на ММФ исто така долгорочно не резултираше со подобри економски политики. Всушност, овие политики генерално ги влошуваат програмите за структурално прилагодување, негирајќи ја нивната ефикасност како вистински поттик за реформи. Можеби уште озагрижувачка е неодговорноста која ММФ и Светската банка ја покажаа кон демократските земји при наметнувањето на условите за програмите за економски реформи, дозволувајќи им на лидерите да ги паузираат реформите пред избори за да и се додворат на јавноста. Спред студијата на германскиот економист Аксел Дреер и на професорот од американскиот универзитет „Џорџ Вашингтон“ Натан Џенсен од 2007 година, при добивањето на заемите сојузниците на САД уживаат во многу помал број на услови отколку другите држави.

Обиди за реформа

Мора да им се признае и на ММФ и на Светската банка дека барем сватија оти нивната неспособност да ги разберат локалните услови претставува проблем. Како одговор на тоа, двете организации се обидоа да спроведат две големи реформи. Прво, се обидоа да ја зголемат гласачката моќ на земјите во развој. Второ, ги преработија програмите за структурално прилагодување за да им доделат повеќе сопственост врз проектите на локалните лидери и да ја зголемат нивната гласачка моќ. Критичарите ги отфрлија и овие нови насоки, со образложение дека гравитираат премногу блиску до рамката на претходните услови. Грција е само последниот пример на штедачкиот стисок на ММФ, кој се намали само откако светот свати дека државата е турната кон брз банкрот. Признавајќи дека нивниот вонреден пакет од заеми е, најверојатно, неповратен, ММФ ги истакна доспеаните долгови на Грција, нејзината неспособност да ги собере даноците и сивата економија на земјата.

Ако се претпостави дека неолибералните програми за слободен пазар засега ќе останат во с’ржта на дејствувањето на ММФ и на Светската банка, постојат и други начини за да се доведат овие две организации во склад со реалноста на глобалната економија и со потребите на светот во развој. Пакетот реформи предложен во 2008 година и усвоен во 2011 година ќе ги усогласи гласачките пакети во Светската банка и во ММФ со тековните економски реалности и ќе ја зголеми гласачката моќ на помалите држави. Шест проценти од тековните гласови ќе бидат префрлени од развиените земји (најмногу од Европа и од блискоисточните држави богати со нафта) кон земјите во развој. По тоа, 102 од 187-те земји-членки на ММФ ( повеќето земји во рзвој) ќе имаат зголемен број на гласови. Ниту една од најсиромашните држави на светот нема да мора да се откаже од своите гласови, а Бразил, Кина, Индија и Русија ќе се најдат помеѓу десетте најголеми сопственици на акциите на овие банкарски организации. Сепак, ниту една од овие реформи не може да биде имплементирана без ратификација од страна на САД, најголемиот акционер во ММФ. Конгресот засега одбива да ги одобри реформите и оние држави кои не го добија местото на преговарачката маса кое го заслужуваат си ги земаа своите фискални иднини во свои раце.

И тука влегува АБИИ. Го искористи моментот за да ја поправи нееднаквоста. Како прво, регионалната природа на банката гарантира дека азиските држави ќе го имаат доминантниот глас во оваа организација. Повелбата на банката исто така наметнува 70 проценти од капиталот да потекнува од Азија, со што осигурува Кина да остане најголемиот акционер. Оттаму, Пекинг ќе го задржи правото на вето врз сите битни одлуки, за кои се потребни 75 проценти од гласовите. Кинеското влијание, сепак, ќе биде контролирано од еднаквото право на акции дадено на сите основачки членки. Друг пат до гласачка моќ е вложениот капитал. Ако Кина плати 30 проценти од оснивачкиот капитал, као што има намера, сепак ќе добие само 26 проценти од гласовите. Ова е во контраст со политиките на ММФ и на Светската банка, кои ја изедначуваат гласачката моќ со инвестираниот почетен капитал, за сметка на другите релевантни мерила.

Во извесна смисла, АБИИ е поставена како експеримент за кинеската верзија на мултиполарност: Пекинг ја задржува цврстата контрола врз организацијата, но не му пречи да им даде повеќе гласачка моќ на своите соседи – се додека од тоа има профит. Западот е добредојден да учествува во работите на Азија, но под азиски услови. Последно, но и најбитно, е тоа што банката се заложи дека политиката нема да учествува во дискусиите за тоа дали и под кои услови треба да се одобри некој развоен проект. Кина љубоморно ги чува своите внатрешни работи и се гордее со тоа што се разви најбргу од сите држави во развој по Втората светска војна. Заслугата за тоа Пекинг ја гледа во неговото тврдоглаво одбивање на неолиберлната ортодоксија на слободен пазар. Кина цврсто верува дека нејзиниот пат може да послужи како водич (иако не и модел) за другите земји во развој кои не ги постигнаа истите стапки на раст.

Чесно е да се праша како АБИИ ќе пресудува дали треба да се одобри заем ако не ги зема предвид сите овие мерки, дури и ако планира да биде многу попрофитабилна од своите двојници од Бретон Вудс. Одговорот е застрашувачки едноставен: АБИИ се враќа кон банкарските основи на оценување на заемобарателот врз чисто економски основи.

Како држава со пребогати девизни резерви, која се соочува со намалени приходи од нејзината економија потпрена на производството, Кина е гладна за профитабилни прекуморски инвестиции. Нејзината сопствена развојна банка во сопственост на државата веќе има позајмено повеќе од Светската банка. Во последните четири години, директните странски инвестиции на Кина растеа со здружена годишна стапка на раст од 16 проценти – двојно повеќе од светскиот просек. Според една студија на Ernst and Young, минатата година кинеските инвестиции можеле да се најдат во 6.128 компании ширум 156 држави и региони.

За Кина, следењето на парите резултураше во вредни билатерални врски со партнери кои се примарни приматели на казнените мерки на ММФ и на Светската банка. Иницијативата „Патот на свилата“, кој треба да минува низ Северна Африка и Централна Азија, не ги фаворизира државите кои се во неолибералниот светски поредок. Инвестициите во Југоисточна Азија, Африка и Латинска Америка подеднакво се распределени помеѓу демократски и авторитативни режими.

Особено инвестициите во Југоиточна Азија дојдоа во критичен период за Кина, која транзиционира од производна економија во економија базирана на услуги. Пекинг мора набргу да почне да увезува повеќе инпут за својата индустрија, а Југоисточна Азија е примарната цел за исполнување на овие потреби. Иако трговската размена на Кина со Југоисточна Азија е се уште релативно мала, регионот и натаму е главен снабдувач на Кина со произведени добра – особено со машинерија и електроника. Регионот во целост во 2013 година имаше трговски дефицит со Кина од 45 милијарди американски долари, но уќествуваше со само 10,7 проценти во вкупниот обем на трговијата на Кина.

Пекинг сака овие бројки да се зголемат. АБИИ му овозможува да го спроведе тоа со еден мултилатерален потфат. Истовремено, развојниот елемент на банката помага да се ублажи антикинескиот сентимент во клучните места за инвестирање, како што се Африка и Латинска Америка. Она што е многу попривлечно кај инвестициите на АБИИ е тоа што ја заменува идеологијата која ги ништи банките од Бретон Вудс системот кои ја ставија политиката пред развојот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП