Губењето на пасошот за време на летен одмор е кошмар што никој не сака да го доживее, но за жал, тоа не е реткост, особено кај туристите од Балканот кои ја посетуваат Грција.
Туристичките работници велат дека секоја сезона се среќаваат со случаи во кои патници остануваат без патна исправа, најчесто поради невнимание или недоразбирање на граничните премини.
Првото нешто што треба да направите ако сфатите дека немате пасош е да останете смирени и веднаш темелно да го прегледате возилото.
Според искуствата на туристи кои поминале низ вакви ситуации, документите често се „криеја“ под седиште, покрај менувачот или меѓу лични предмети.
Ако и по внимателно пребарување пасошот не се најде, следниот чекор е да се обратите до полицијата на граничниот премин каде последен пат сте го покажале.
Понекогаш, службениците ненамерно може да го задржат пасошот на бирото или тој да испадне во моментот кога ги враќаат документите. Ретко, но можно е и да се случи вашата исправа да заврши кај друг патник, особено ако патувате со група или ако документите се предавале збирно. Во тие случаи, ако ситуацијата се забележи навреме, може да има среќен исход и пасошот да ви биде вратен на следниот граничен премин.
Сепак, кога веќе не постои начин да се пронајде изгубениот пасош, единствено решение останува да се обратите до македонскиот конзулат во Солун или до Македонската амбасада во Атина.
Таму може да се издаде привремена патна исправа со која ќе можете да се вратите дома. Постапката не е моментална, па се препорачува веднаш да се воспостави контакт со конзуларните служби и да се подготвите за можен краток престој во Грција додека трае процесот.
Во секој случај, експертите апелираат до патниците внимателно да ги чуваат своите документи, особено на гранични премини, каде поради брзање и размена на повеќе пасоши одеднаш, може лесно да дојде до грешка.
Б.З.М.