Руската економија во вториот квартал од оваа година регистрираше најголем пад од 2009 година, во услови кога падот на цената на нафтата би можел да ја вовлече државата во уште подлабока рецесија, пренесува Блумберг.
Бруто домашниот производ на Русија во вториот квартал од 2015 година се намалил за 4,6 проценти на годишно ниво, по падот од 2,2 проценти во првиот квартал, покажаа прелиминарните податоци на рускиот Федерален завод за статистика.
Таквите податоци се полоши од прогнозата на 18-те аналитичари кои учествуваа во анкетата на Блумберг и кои предвидуваа пад на руската економија од 4,5 проценти, додека руското министерство за економија за тој период проектираше пад од 4,4 проценти.
Русија, како најголем светски извозник на енергија, во моментов е соочена со првата рецесија во последните шест години, која, како што наведува Блумберг, е последица од падот на цената на нафтата и санкциите воведени кон Москва поради украинската криза.