Малопродажните цени на бензините ноќеска на полноќ се намалуваат за 3,5 денари по литар, додека дизелот поевтинува за два денари, одлучи Регулаторната комисија за енергетика.
Согласно одлуката, новата цена на литар еуросупер –БС-95 изнесува 67 денари, а на еуросупер –БС-98 69 денари.
Еден литар еуродизел (Д-Е V) ќе се продава по 51 денари, додека екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), чија цена исто така се намалува за два денари, ќе се продава 39,5 денари.
Осетно се намалува и цената на мазутот М-1 НС, за 2,404 ден/кг и со тоа цената изнесува 23,287 ден/кг.
Просечната цена на сурова нафта на светскиот пазар во изминатиот 14-то дневен период е за 9,52% пониска од просечната цена на сурова нафта по која беа формирани тековните цени на нафтените деривати.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период изнесуваше е за 0,275% понизок од курсот по кој беа формирани цените.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со изминатиот четиринаесетодневен период бележат намалување кај бензинот во просек за околу 8,50%, кај дизелот намалување во просек за околу 6,39% и кај мазутот намалување во просек за околу 9,80%, поради што во структурата на цените на нафтените деривати е извршено соодветно прилагодување, се вели во образложението на Регулаторите.
Имајќи ги предвид влијанијата на овие елементи во формирањето на цените на нафтените деривати според Методологијата, рафинериските цени на нафтените деривати се намалуваат во просек за 8,23 отсто. Малопродажните цени на нафтените деривати согласно Методологијата за формирање на цените, се намалуваат во просек за 5,24 отсто, се појаснува во соопштението.