4 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАЦветанка Јованова со изложба во Котор

Цветанка Јованова со изложба во Котор

cvetanka-jovanova

Македонската ликовна уметница Цветанка Јованова ќе има изложба во просториите на Градската галерија Котор на 13.08.2015 година.

Цветанка Јованова (1979), според својата основна жанровска определба и ликовна едукација, првенствено е графичарка.

Сепак, нејзините нови ликовни дела од циклусот насловен „Оганот од внатре“, непогрешливо сведочат, дека оваа визуелна уметница не го фокусира својот творечки модел исклучиво на разиграниот запис на линиите и воопшто доминацијата на цртежот.

Очигледно понесена (и енергетски „совладана“) од својот (астролошки) огнен темперамент – Јованова жизнерадосно се впушта во нов „мегдан“ – истражувајќи ја експлозивната колористичка магија и густо населениот флуид на боите.

Во својата ликовна поетика, Јованова се вдахновува и надоврзува на (апстрактно) експресионистичкиот манир, чиишто колоритни потези и динамика се чини идеално и’ прилегаат на нејзината темпераментна природа и бу(р)ен сензибилитет.

Сликите на Јованова се воглавно ноктурна: „украдени“ ноќни призори и сведоштва за полу-заборавените и под-заборавените староградски, или, старински куќи, сокриени во зафрлените улички и непознатите, тајни пасажи на градскиот лавиринт. Или, призори на живописни полиња и лозја, осамено распослани и ранливо изложени пред љубопитниот трагач по тајни аналогии, како и крајбрежни слики на манастири, на чии неба се одвива вечната борба на доброто и злото, на неспокојстовто и мирот.

Потезите на четката се видливо раздвижени, на места, драматични според својот ритам и густина на наносот, а се’ присутниот маринско-син колорит го збогатуваат мистично – виолетови нијанси, контрастно поставени до интензивно жолтите и огнено црвените јазици на вжарено обоеното поднебје. Така, во овие јужни предели, светлината зрачи и ноќе –– кога сонцето на небото „се сели“ во нескротливиот отсјај на платното.

„Оганот од внатре“ – благодарение на својот љубопитен и комуникативен пристап, динамичниот и живописен колорит, како и нагласениот внатрешен ритам – е на пат да ги пронајде своите ликовни “соговорници“ и поддршка во другите културни простори!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП