7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЌе се гради нова клиничка болница во Штип

Ќе се гради нова клиничка болница во Штип

болница-штип

Нова современа и софистицирана клиничка болница ќе се гради во Штип, која ќе опслужува повеќе од 200.000 граѓани во тој регион.

Министерот за здравство Никола Тодоров, во петок ја најави изградбата на новата штипска клиника, која ќе почне во средината на октомври, а според прoценките ќе биде готова во средината на октомври 2017 година.

„Квалитетот на еден здравствен систем првенствено зависи од квалитетот и знаењето на здравствените работници, квалитетот и софистицираноста на опремата, како и од квалитетот на здравствената инфраструктура. Денеска сакам да го промовирам проектот за изградба на најсовремената, најмодерната и најквалитетната здравствена инфраструктура во Македонија. Реализацијата на овој проект ќе значи изградба на болница со карактеристики и функционалност какви што до сега не е изградена во Македонија. Изградбата на оваа болница ќе постави стандард кој ќе треба да се достигне не само во Македонија, туку и пошироко во регионот“, рече министерот Тодоров.

Во четврток, Банката на Советот на Европа во официјалниот гласник на Европската Унија го објави тендерот за градба на Клиничката болница во Штип, инвестиција од приближно 30 милиони евра.

Објектот ќе се гради на местото каде што во моментов се наоѓа штипската клиника и ќе претставува високо енергетски ефикасна клиника на површина од 34.000 м2.

„Болницата ќе има комплетно воспоставен BMS, односно билдинг менаџмент систем, кој во целост ќе ја контролира електриката, и машинството во целиот објект и е директно поврзан со системот за менаџирање на болничките соби. Кога пациентот се прима во болница се внесува во системот дека собата е зафатена и тогаш автоматски се активира климатизацијата во собата. А при влезот во болничката соба автоматски се пали светло. На ваков начин се постигнува ефикасно и одговорно користење на ресурсите“, рече Тодоров.

За прв пат во јавна здравствена установа е проектиран и ќе се изведе систем за пневматска пошта кој ќе ги поврзува лабораторијата со дијагностиката и оперативниот дел.

Објектот ќе има сопствен резервоар за вода кој може да обезбеди авотномија од два дена на целата болница, како и сопствен агрегат и UPS кои обезбедуваат автономија во случај на прекин на електрична енергија и тоа ups-ите за оперативниот дел овозможуваат и автономија до 45 минути во случај на прекин на напојувањето.

Објектот се состои од две целини: при што првата целина се состои од три катни висини каде ќе бидат организирани сите болнички одделенија, а втората целина се состои од 4 нивоа: подрум, ниско приземје и први кат. Во подрумските простории се сместени сите технички и сервисни одделенија како и одделот за патологија и судска медицина.

„Во ниското приземје се сместени Ургентниот центар, радиолошко дијагностичкиот оддел, централните гардероби и лабораторијата, болничката аптека и стерилизацијата. Во приземјето и пониските нивоа се сместени 17 амбуланти, дополнети со специјализирани простори за прегледи и третман, како и дневни болници за трансфузиологија, дневна хирургија со три мали сали, хемотерапија психијатрија, служба за превенција и третман за зависности од дрога. Ова е со цел да се намали растојанието кое треба да го поминат пациентите кои се лекуваат“, рече Тодоров.

Одделенијата за нега на болни ќе бидат 80 отсто со 4-креветни соби, 10 отсто со 2-креветни соби и исто толку еднокреветни соби.

„Предвидено е и ново сообраќајно решение со кое што ќе се овозможи посебен и брз пристап до Ургентниот центар, за возилата на Брзата помош, посебен пристап до главниот влез за големиот болнички капацитет, посебен пристап техничките и сервисни содржини на болницата, а периферно на објектот ќе има и други помошни влезови за вработени, трансфузиологија, психијатрија и за радиологија“, додаде Тодоров.

Новата Клиничка болница во Штип ќе биде високо енергетски ефикасен објект со ниска потрошувачка на годишно ниво која ќе се троши за греење, вентилација и климатизација, санитарна топла вода, осветлување и помошна енергија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП