Македонските газди сè почесто бараат работници во Бангладеш, Непал, Турција и Индија. На градилиштата недостигаат мајстори и физички работници, во фабриките се бараат луѓе за производствените линии, а во рестораните тешко се наоѓаат помошници во кујна.
Само од почетокот на годинава, според податоците од Агенцијата за вработување објавени на 2 ноември, биле издадени над 7.000 работни дозволи и мислења за вработување странски државјани.
Потребата од работна сила е толкава што Владата годинава ја зголеми квотата за работно ангажирање странци од 10.000 на 13.000. Тоа, сепак, не значи дека во Македонија веќе работат толку странски државјани, туку дека е зголемен бројот на работни ангажмани што може да се одобрат во рамките на квотата.
Во 2025 година Агенцијата за вработување издала вкупно 8.844 работни дозволи и мислења за вработување странски државјани. Во 2019 година таа бројка изнесувала околу 3.500.
Според анализите на Агенцијата, во периодот од 2019 до 2026 година најмногу работни дозволи биле издадени за ангажмани во градежништвото, преработувачката индустрија, трговијата и угостителството.
На градилиштата има потреба од ѕидари, армирачи, тесари, заварувачи и помошни работници. Покрај изградбата на станбени и деловни објекти, дополнителна побарувачка за работна сила создаваат и големите инфраструктурни проекти.
Во угостителството се бараат помошници во кујна, мијачи на садови, собарки и хигиеничари. Недостигот од кадар особено се чувствува во текот на летната туристичка сезона, кога дел од домашните угостителски работници заминуваат на сезонска работа во странство.
Во фабриките има потреба од работници за производство, монтажа и пакување, додека во трговијата се бара и помошен персонал за работа во магацини.
Бангладеш ја престигна Турција
Иако со години Турција беше меѓу главните извори на странска работна сила, годинава најголем интерес има за работници од Бангладеш.
Според податоците на Агенцијата за вработување, од 1 јануари до 19 август годинава биле издадени 1.837 мислења во постапки за ангажирање државјани на Бангладеш, 1.257 за државјани на Турција, 787 за Непалци, 323 за Индијци и 46 за државјани на Пакистан.
За Бангладеш, бројката регистрирана во првите неполни осум месеци од годинава е поголема од онаа во целата 2025 година, кога биле издадени 1.567 позитивни мислења.
Економистите и познавачите на пазарот на трудот недостигот од домашни работници го поврзуваат со иселувањето, стареењето на населението, висината на платите, но и со неусогласеноста меѓу квалификациите на невработените и потребите на компаниите.
Според податоците од Државниот завод за статистика, во второто тримесечје од годинава во Македонија имало 90.020 невработени лица. Истовремено, домашните компании сè почесто се обраќаат до агенции за посредување при вработување странци.
Ангажирањето работник од Азија, притоа, не подразбира само исплата на месечна плата. Компаниите треба да ги пресметаат и трошоците за посредување, документација, превоз и сместување, во зависност од условите под кои се ангажира работникот.
Се предлагаат 20.000 странски работници за следната година
Министерството за внатрешни работи во 2025 година издало 6.128 дозволи за привремен престој поради работа. Пет години претходно такви дозволи добиле 1.704 странски државјани.
За пет години, практично, бројот на годишно издадени дозволи за престој по овој основ се зголемил повеќе од три и пол пати.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во октомври годинава излезе со предлог дополнително да се зголеми квотата за странски работници.
„Мислам дека следната година треба да се искачи на 20 илјади“, изјави вицепремиерот, кој смета дека до 2030 година во Македонија би требало годишно да работат 50.000 странски работници за да се одржи посакуваното ниво на економски раст.
Б.З.М.