3 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТрговскиот дефицит намален за 265 милиони долари во првото полугодие

Трговскиот дефицит намален за 265 милиони долари во првото полугодие

kamionce

Трговскиот дефицит на Македонија во првата половина од годината е намален за 265 милиони долари, во споредба со истиот период од минатата година, објави Државниот завод за статистика.

Воедно, Завод за статистика од овој месец почна податоците за обемот на трговската размена да ги објавува во три валути, во денари, долари и евра, наместо досегашната пракса податоците да се објавуваат само во долари.

Ваквата новина е воведена на барање на бројни корисници, информираат од Државниот завод за статистика.

Трговскиот дефицит, во периодот јануари-јуни 2015 година, изнесува 51,3 милијарди денари, изразен во долари 928 милиони, односно 834 милиони евра. Во истиот период лани, трговскиот дефицит изнесувал 1,19 милијарда долари.

Намалувањето на трговскиот дефицит се должи на тоа што вредноста на увозот се намалила со побрзо темпо во споредба со вредноста на извозот.

Вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија, во периодот јануари-јуни, изнесува 120 милијарди денари, изразена во долари 2,17 милијарди, додека лани достигнала 2,35 милијарди долари.

Вкупната вредност на увозот на стоки во Македонија во првото полугодие изнесува 171 милијарди денари 3,10 милијарди долари, додека во периодот јануари-јуни 2014 година достигнал 3,55 милијарди долари.

Вкупниот обем на трговската размена на Македонија со странство во наведениот период изнесува 5,27 милијарди долари, додека лани достигнал 5,90 милијарди долари.

Покриеноста на увозот со извоз во овој период достигна 70,1 отсто, а минатата година изнесувала 66,4 отсто.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, фероникелот, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, производите од железо и челик (валани производи).

Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), електричната енергија и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП