21 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАНамалени инвестициите во светот трета година по ред

Намалени инвестициите во светот трета година по ред

dolari 3030

Капиталните инвестиции на најголемите светски корпорации оваа година би можеле да паднат трета година по ред, предводени од секторите енергија и суровини, покажа извештајот на агенцијата за кредитен рејтинг Standard & Poor’s.

Капиталните издвојувања на нефинансиските корпорации би можеле да бидат за еден отсто помали во оваа година и за четири отсто во 2016 година, покажа глобалното истражување на S&P за капиталните инвестиции во 2015 година, кое опфати 2.000 државни и приватни големи корпорации.

Растот на капиталните инвестиции се смета за клучен за долготрајно економско закрепнување.

Повеќегодишниот пад на инвестициите во светот под посебна лупа ги стави капиталните трошоци на компаниите, кои покажуваат дека се повеќе се исплатуваат дивиденди и откупуваат сопствени акции, отколку што се реинвестира добивката.

S&P притоа предупредува дека не треба за послабите капитални инвестиции вината да се бара само во силниот процут на откупот на акции и истакнува дека тоа е претежно американска појава, а не глобална, иако и во Европа сѐ повеќе компании го следат ваквиот тренд.

Во истражувањето на S&P овогодишниот пад на инвестициите во најголем дел се припишува на индустријата на енергија и суровини, која во оваа година се подготвува да го намали капиталното трошење за 14 отсто под притисок на падот на цената на суровините додека расте стравувањето во врска со побарувачката од Кина.

Доколку се изземат секторите енергија и суровини, глобалните капитални инвестиции би требало да пораснат по стапка од осум отсто во оваа година.

Иако компаниите сигурно имаат ресурси за зголемување на капиталната потрошувачка, со оглед на тоа што поседуваат околу 4.400 милијарди долари во пари и еквиваленти во своите биланси, од S&P го вперуваат прстот другите специфички секторски проблеми кои би можеле да ги кочат капиталните инвестиции. Така на пример наведуваат дека подемот во софтверските и технолошки гиганти резултираше со инвестиции во купување на ‘know-how’, наместо во производство, а производителите на автомобили и натаму имаат мака со прекумерност, која резултира со затворањето на пари наместо со зголемување на инвестициите.

Покачувањето на каматните стапки, најнапред во САД, ќе биде наредна препрека во капиталните трошења на компаниите, предупредува S&P. Имено, иако се чувствува се поголема доверба во корпоративниот амбиент, неизвесноста околу повратот на вложеното и натаму е присутна.

„Компаниите ќе инвестираат оној момент кога ќе почувствуваат доверба во поглед на соодветниот поврат, а најдобра гаранција за тоа е одреден степен на извесност во поглед на економските и финансиските трендови“, вели економистот на S&P Герет Вилијамс.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП