Берзанските индекси на Волстрит во понеделникот завршија во минус бидејќи падот на цената на нафтата силно ги притисна акциите во енергетскиот сектор, а лошо на пазарот влијаеја и новите сигнали за забавување на кинеската економија.
Dow Jones ослабна 0,52 отсто, на 17.598 поени, додека S&P 500 се спушти за 0,28 отсто, на 2.098 поени, а Nasdaq индексот за 0,25 отсто, на 5.115 поени.
Пет од десет сектори на S&P 500 вчера загубија на вредноста, а најмногу, за 2,0 отсто, падна енергетскиот сектор, потонувајќи на најниско ниво за три години. Ова е втор работен ден по ред во кој овој сектор бележи пад од 2 отсто.
Ова е последица на натамошниот пад на цената на нафтата поради расчекорот помеѓу понудата и побарувачката.
Најмногу вчера паднаа цените на акциите на нафтените гиганти Exxon Mobil и Chevron, кои во петокот објави послаби од очекуваните квартални резултати.
Инвеститорите на внимателност ги наведоа и новите податоци кои укажуваат на забавување на втората по големина економија. Минатиот месец производните активности во Кина паднаа повеќе од очекуваното.
Освен што овој податок ја притисна цената на нафтата со оглед дека Кина е најголем потрошувач на сировини на светот, ги притисна и цените на акциите на компаниите кои многу продаваат во Кина, како што е Apple.
Покрај тоа, објавено е дека во второто тромесечје Apple малку загубил од уделот на кинескиот пазар на паметни телефони, па цената на акцијата на технолошкиот гигант падна за 2,3 отсто.
„Во петокот под притисок беа акциите во енергетскиот сектор, а денеска во надолната линија им се приклучија и акциите во индустрискиот и технолошкиот сектор“, рече Доналд Селкин, стратег во компанијата National Securities.
На повеќето европски берзи цената на акциите, пак, вчера пораснаа. Франкфуртски DAX зајакна за 1,19 отсто, на 11.443 поени, а париски CAC се зголеми за 0,75 отсто, на 5.120 поени, додека лондонски FTSE ослабна за 0,11 отсто, на 6.688 поени.