2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАФинска и покрај условите од ММФ, не е подготвена да ги отпише...

Финска и покрај условите од ММФ, не е подготвена да ги отпише долговите на Грција

fin

Финска не е подготвена да го олесни должничкиот товар на Грција и да ѝ прости дел од нејзиниот долг кон меѓународните кредитори, изјави за локалната телевизија финскиот премиер Јуха Сипилја.

„Одлуката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) да не ѝ се нуди нова програма за помош додека не постигне договор со Европската унија, не го менува ставот на Финска“, рече Сипилја. Според него, бришење на кој и да е дел од износот на грчкиот долг не е на дневен ред.

„Ниедна земја од еврозоната не е подготвена за тоа. Тоа беше ставот кој сите земји го искажаа на самитот. Тогаш стана јасно дека таа позиција (бришење на дел од долгот) никој не ја поддржува“, додаде финскиот премиер.

Прецизираше дека преговорите за третиот пакет меѓународна финансиска помош за Грција штотуку започнаа и претстои цел месец во кој „неопходно е да се најде решение“.

Претходно, Финска, присуството на ММФ меѓу кредиторите го истакнуваше како услов за нејзиното учество во третиот пакет помош за Грција и се спротивстави на отпишување на грчките долгови. ММФ пре една седмица објави дека на Грција нема да ѝ биде понудена нова програма за финансиска помош, доколку Атина не постигне договор со Европската унија.

Според претставниците на ММФ, за разговорите за новата програма меѓу Грција и европските кредитори „ќе биде потребно уште време“. „Европејците, исто така, треба да разговараат за реструктуирањето на грчкиот долг. ММФ нема да учествува во програмата, доколку тие два услова не бидат исполнети“, истакнаа од ММФ очекувајќи дека тоа „нема да се случи порано од неколку месеци“.

Во вторникот во Грција започна со работата мисијата на меѓународните кредитори, кои настојуваат својата проверка на грчките финансии со грчката централна банка и министерството за финансии да ја завршат уште овој викенд за да се избегне одложувањето на потпишување, планирано за 20-ти август, на новиот тригодишен кредитен договор во износ од 86 милијарди евра.

Во периодот октомври–ноември, мисијата на „квартетот“ (Европската унија, Европската централна банка, Европскиот механизам за стабилизација и Меѓународниот монетарен фонд) треба да ја направат својата прва процена за спроведувањето на програмата, по што кредиторите ветуваат дека ќе ги започнат преговорите за реструктуирање на грчкиот долг, со проширување на рокот за доспевање на кредитите и пониските каматни стапки

Втората кредитна програма од ЕУ и ЕЦБ истече кон крајот на јуни годинава, додека програмата на ММФ продолжува до март 2016 година, но и потоа исплатата на Атина по каматите на заемот ќе остане на сила. Покрај тоа, преговорите меѓу Грција и кредиторите се усложнија поради настојувањето на ММФ да се откаже од својата стара програма, според која на Атина треба да ѝ префрли уште 16,5 милијарди евра и да започне нова програма.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП