8 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАКоњаницата пречекана во Крушево, странци играа македонски ора

Коњаницата пречекана во Крушево, странци играа македонски ора

konjanica-krusevo

Во Крушево во петокот вечерта пристигна коњаницата од цела Македонија. Со огромен аплауз беа наградени членовите на „Илинденскиот марш“ за нивното повеќедневно патување за да пристигнат во Крушево и да им оддадат чест на илинденците.

Во името на крушевчани, пред Столбот на Крушевската Република, коњаницата беше поздравена и пречекана од градоначалникот на Општина Крушево Ѓорчи Дамчески.

По пречекот на коњаницата во Крушево се одржа еден несекојдневен настан. На Градскиот плоштад 50-тина гости од целиот свет заиграа и запеаа македонски ора и песни. Имено, веќе неколку години во „Крушево Етно-град“ доаѓаат вљубеници во македонскиот фолклор и за време на манифестацијата ги изучуваат нашите ора и песни. Германија, Франција, Холандија, Израел и Србија се само дел од земјите од каде доаѓаа поддржувачите на „Крушево Етно-град“. На самиот почеток гостите на својот мајчин јазик ги поздравија крушевчани и на сите македонски граѓани им го честитаа празникот „Илинден“. Странците се покажаа како одлични играорци, но силен впечаток остави и нивната прекрасна изведба на песната „Море сокол пие“.

Вечерта заврши со општонародна веселба и големо заедничко македонско оро на Градскиот плоштад, со што свечено се означи крајот на седмата манифестација „Крушево Етно-град“, а веќе од сабота започнуваат Научно-културните средби „10 Дена Крушевска Република“.

На пладне делегација ќе ја посети спомен куќата на Смилевскиот конгрес и ќе положи цвеќе пред споменикот на Дамјан Груев. Во 18:00 часот од пред Столбот на Крушевската Република делегација ќе се упати кон Гумење каде ќе положи цвеќе во чест на илинденците, во 19:30 часот во споменикот „Илинден“ ќе се отвори изложбата „Никола Карев“ – патешествие низ документи“, од 20:00 часот ќе започне церемонијата на Свеченото отворање на НКС „10 Дена Крушевска Република“,а точно на полноќ ќе се случи импровизиран напад на градот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП