Од 31 до 2 август, се одржуваат Владимирски илинденски средби, а организаторот на манифестацијата – Здружение Владимирски илинденски средби, најавува богата културно-уметничка и забавна програма.
Главно место за одвивање на програмските активности е местото викано Мегдан во центарот на селото, каде во вечерните часови на сцена ќе настапат играорни друштва, дувачки оркестри и вокално инструментални состави. Специјални гости се Сузана Спасовска, Виданка Георгиева, Горан Алачки и Панче Алачки. Посебна атракција ќе биде настапот на странски гости – ученици на Горан Алачки кои ќе исполнуваат малешевски фолклорни песни на традиционални инструменти.
Во тек на вториот ден се одржува Илинденски турнир во мал фудбал
Оваа година, ќе се отвори и постојана изложба под името „Културно историска одаја – Огледало на владимирската гордост”, каде посетителите ќе имаат можност да видат документи, предмети, книги и фотографии кои говорат за историјата и потенцијалите на село Владимирово кое го носи епитетот – село на учени луѓе.
Централниот настан е одбележувањето на Илинден, кое традиционално години наназад, на 2-ри август, се одвива на блискиот рид на местото викано Шилеви оградни.
Специфично е дека токму за Илинден, сите жители на Владимирово расселени низ различни краишта на Македонија и светот, се повикуваат со пораката
„За Илинден, дека да си, дома да си”, па покрај месното население, селото се полни со роднокрајци од сите возрасти, од различни градови и земји. На овој сенароден собир, добредојдени се и гости кои ќе имаат несекојдневна можност да учествуваат во една вистинска атракција.
Присутните ќе се запознаат со ретките обичаи на овој крај: Домашни “прекадени”погачи кои се делат за здравје и традиционален Илинденски ручек – курбан готвен на ридот од рани утрински часови, во котли на дрва. Денот започнува со Свечена Архиерејска Литургија во малата црква Св Илија, а завршува со најголемото оро во Малешевијата под звуците на зурли и тапани.
На овој начин прекрасното живописно село Владимирово ја негува својата традиција, ги одржува контактите со роднокрајците, ги јакне потенцијалите за развој и ја пренесува пораката за добробит, слога, заедништво и чување на семејните вредности со гордост кон потеклото.