Управата за јавни приходи (УЈП) денес најави дека ќе отпочне постапки за присилна наплата со блокирање на трансакциските сметки со што обврзниците би се изложиле на дополнителни трошоци.
„Апелираме граѓаните и фирмите кои имаат заостанати долгови за радиодифузна такса, да извршат плаќање на оваа јавна давачка во најкусо време,“ се вели во соопштението на УЈП.
Состојбата на долговите за РДТ е наведена во Решението, кое УЈП го доставува до обврзникот секој месец, а дополнително проверка може да се врши и преку интернет, преку бесплатната електронска услуга е-Радиодифузна такса https://etax.ujp.gov.mk.
Исто така, граѓаните можат да ги користат новите услуги на УЈП за електронско плаќање на радиодифузната такса со безготовинска картичка Visa, Maestro и MasterCard безготовинска картичка (кредитна и дебитна) издадена од домашна банка.
Постапката за регистрација за електронско плаќање и проверка на состојбите за РДТ преку https://etax.ujp.gov.mk е бесплатна за граѓаните и не е потребен дигитален сертификат.