2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДо 4 август бремените и хронично болните се ослободени од работа

До 4 август бремените и хронично болните се ослободени од работа

zesko

Во периодот до вторник, 4 август, продолжуваат да важат донесените препораки за ослободување од работните обврски на бремените жени и хронично болните лица на возраст над 60 години, како и препораките да се избегнува вршење градежни активности на отворено во периодот од 12 до 17 часот, соопшти Министерството за здравство.

Според најавата на метео-алармот од Управата за хидрометеоролошки работи, во претстојните денови до крајот на неделата продолжуваат високите температури над 40 степени.

Министерството за здравство потсетува на општите препораки за заштита од високите температури, согласно Акцискиот план за заштита од топлотни бранови:

– Во текот на екстремно топли денови, се препорачува престој во затворени климатизирани простории, а при неопходен престој на отворено, да се овозможат почести одмори под сенка.

– Да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце и заштитни очила и капа. При сончање се препорачува да се користи крема со висок заштитен фактор.

– Да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна.

– Да се внесуваат големи количества течности (најдобро обична вода за пиење), а да се избегнуваат алкохолните пијалаци.

– При влегување во возило, потребно е одреден период да се проветри возилото.

Со цел заштита на здравјето на ранливите групи на население, се препорачува хронично болните лица редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари.

Поради високите температури и зголемената можност за појава на труења со храна и цревни заразни заболувања, се препорачува задолжително миење на земјоделско-градинарските производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивната употреба, како и термичка подготовка на храната и нејзино консумирање во многу кус рок по подготовката (доколку тоа не се направи, подготвената храна да се стави во фрижидер на + 8 степени, а пред употреба истата да се загрее на + 100 степени). Се препорачува да се избегнува консумирање производи кои не се термички обработени, како мајонези од домашни јајца, а внимателно да се консумира сладолед и разни кремови.

Потсетуваат дека во сите градови низ државата се поставени пунктови за превентивни препораки и совети за заштита од високите температури. Пунктовите функционираат секој ден во периодот од 18.30 до 21.30 часот. На пунктовите се врши мерење на крвен притисок и се даваат совети за превенција од топлото време и за здрав начин на живот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП