7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНова опрема за Општата болница во Велес

Нова опрема за Општата болница во Велес

bolnica-veles

Опрема во вредност од 6,2 милиони денари ќе биде набавена за Општата болница во Велес, за што постапка веќе отпочна Министерството за здравство, која вклучува ендоскопски сет за урологија (уретоскоп, цистоскоп, ресектоскоп), гастроскоп и апарат за анестезија.

„Во изминатите шест месеци од почетокот на годинава, од Општата болница Велес во сите специјалности се креирани 4.250 упати кон универзитетските клиники во Скопје и ГОБ „8 Септември“. Конкретно, во специјалноста гастроентерохепатологија се креирани 192 упати кон скопските клиники и ГОБ, додека во специјалноста урологија се креирани 130 упати кон тие јавни здравствени установи“, рече во вторникот министерот за здравство Никола Тодоров.

Оттука, за потребите на велешката болница ќе се набави ендоскопски сет за урологија (уретоскоп, цистоскоп, ресектоскоп), гастроскоп и апарат за анестезија.

Велешката болница и кадровски ќе се зајакне во областа на гастроентерохепатологија, затоа што една докторка годинава почнува специјализација.

„Го зајакнуваме капацитетот на оделението за урологија, со тоа што почнувајќи од овој месец, по три пати неделно доаѓаат доктори од Клиниката за урологија кои работат и амбулантски прегледи и интервенции“, додаде Тодоров.

На ваков принцип ги зајакнуваат и специјалностите дерматовенерологија и неврологија (во делот на ЕЕГ и ЕМГ дијагностика).

„Досега, 40 здравствени работници од велешката болница се испратени на едукација во реномирани медицински центри во странство, во различни медицински области (неврологија, урологија, гинекологија и акушерство, анестезиологија, инфектологија, и др.), а се реализираат во медицински центри во повеќе држави, меѓу кои Германија, Словенија, Бугарија, Турција“, рече Тодоров.

Очекува дека со сите овие мерки ќе овозможат значително зајакнување на капацитетот на Општата болница во Велес кон која гравитираат околу 115.000 жители од велешкиот регион, како и околните населени места.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП