7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗајакнување на капацитетот на кумановската болница

Зајакнување на капацитетот на кумановската болница

bolnica kumanovo

Министерството за здравство ќе потроши 40 милиони денари за проширување и доопремување на кумановската болница, најави денеска министерот за здравство, Никола Тодоров.

„Во тек е изработка на основен проект за изградба на нов Ургентен хируршки центар во рамки на општата болница Куманово. Веќе е изработен идејниот проект за нов Ургентен центар, кој денеска сакам да го презентирам. Објектот ќе се состои од приземје и кат, со површина околу 600 квадратни метри, а ќе се гради до местото каде што се наоѓаат постојните ургентни амбуланти на интернистичкиот оддел, така што овие објекти ќе се поврзат и ќе се добие една целина на ургентен центар. Во ургентниот центар ќе има комплетна дијагностика и за хируршки и за интернистички ургентни состојби, односно во објектот ќе бидат поставени и рендген апаратот и апаратот за компјутерска томографија. Новиот Ургентен хируршки центар ќе содржи: итна хируршка амбуланта, соба за дневна болница, ортопедска амбуланта, уролошка амбуланта, анестезиолошка амбуланта, и други простории“, рече Тодоров, кој додаде дека тоа е инвестиција во вредност над 20 милиони денари која очекува да биде завршена до крајот на 2016-та година.

Министерството за здравство веќе распиша тендер за набавка на нова опрема, во вкупна вредност од 20 милиони денари, со која ќе се унапреди функционирањето на повеќе специјалности во болницата.

„Сакам да истакнам дека се фокусираме и на зајакнување на капацитетите во конкретни специјалности, за кои со анализа на податоците од системот МојТермин, увидовме дека е релативно голем бројот на упатувања кон универзитетските клиники и градската општа болница во Скопје (евидентирани се вкупно 8.639 упати од сите специјалности кон клиниките и ГОБ „8 Септември“ за изминатите шест месеци од почетокот на годинава)“, рече Тодоров.

Ќе се зајакнуваат капацитетите за гастроентерохепатологија, дигестивна хирургија и неврологија, особено во делот на дијагностичката процедура за повеќе невролошки заболувања – ЕМГ (електромиографија), за која во изминатите шест месеци се креирани 80 упати.

„Со цел унапредување на работата на одделението за неврологија, во рамки на набавката на нова опрема која ја споменав, предвидуваме нов ЕМГ апарат, кој претставува многу значајна дијагностика за невролошките заболувања“, рече Тодоров.

За зајакнување на дигестивна хирургија, од минатата година се започнати двајца доктори на специјализација, а дополнително ќе се предвиди уште една субспецијализација во оваа област. Во областа на гастроентерохепатологија во Програмата за 2015-та година веќе е предвидена една специјализација по гастроенетерохепатологија, а дополнително една субспецијализација ќе се предвиди со измена на Програмата. Хируршкиот дел ќе се зајакне со уште еден општ хирург, за кој е во тек постапката на преземање од приватно во јавно здравство.

„Во областа на гастроентерохепатологија, сакам да најавам уште една значајна новина, а тоа е зајакнување во делот на ендоскопските дијагностички методи, односно гастроскопија и колоноскопија. Болницата веќе склучи договор со приватна здравствена установа за специјалист-гастроентерохепатолог два пати неделно да доаѓа во кумановската болница и да врши гастроскопии и колоноскопии (предвидено е во просек да се вршат по 12 гастроскопии и 6 колоноскопии неделно)“, рече Тодоров.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП