3 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИFerrari чекор поблиску до Волстрит

Ferrari чекор поблиску до Волстрит

ferrari555

Италијанскиот производител на луксузни автомобили „Ferrari“ ја најави иницијалната јавна понуда на акциите (IPO), во којашто неговата пазарна вредност би можела да достигнe до 10 милијарди американски долари, и побарал вбројување на акциите на берзата во Њујорк.

Концернот „Fiat Chrysler Automobiles“ (FCA), кој е мнозински сопственик на „Ferrari“ порача дека на продажба ќе понуди 10 отсто од акциите на оваа компанија, и се проценува дека нејзината вредност на пазарот може да достигне 10 милијарди долари. Некои финансиски аналитичари, меѓутоа, очекуваат околу половина од оваа вредност.

Според барањето на FCA, поднесено на берзата во Њујорк, „Ferrari“ ќе се издвои во засебна компанија и акциите ќе ги излиста на Волстрит, а можеби и на берзата во Милано.

Во моментов FCA држи 90 отсто од акциите на „Ferrari“, додека 10 проценти се во сопственост на Пјер Ферари, потпретседателот на компанијата и син на основачот Енцо Ферари.

Вклучувањето на акциите на компанијата, позната по коњчето кренато на задните нозе, по карактеристичната заштитена црвена боја на нејзините возила и по низата титули во шампионатите на Формула 1, на Волстрит се очекува на почетокот од октомври. До почетокот на 2016 година, пак, би требало целосно да биде завршено издвојувањето на „Ferrari“ од компанијата FCA, седмиот по големина светски производител на автомобили.

Така FCA ќе продаде удел од 10 отсто, додека остатокот на неговиот удел во „Ferrari“ ќе им биде распределен на акционерите на FCA групацијата.

FCA, сопственик на познатите автомобилски брендови како Fiat, Аlfa Romeо, Maserati и Jeep, е меѓу најзадолжените компании во автомобилскиот сектор, па средствата од јавната понуда на акциите има намера да го вложи во инвестициски план, според кој до 2018 година би ја зголемил продажбата за 60 отсто, на 7 милиони возила, и за пет пати би ја зголемил добивката.

Иако е славна и почитувана, компанијата „Ferrari“ е релативно мал играч на глобалниот автомобилски пазар. Минатата 2014 година продал околу 7.200 возила и остварил приходи од 2,7 милијарди евра, 18 отсто повеќе од претходната година, а пораснала и добивката

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП