Грција од денеска почна да ги ублажува ограничувањата на локалните компании поврзани со странските трансфери, деблокирајќи ги увозните активности кои беа погодени со воведувањето на контролата на проток на капиталот во минатиот месец.
„Дневниот дозволен лимит за парични трансфери е кренат на 10.000 евра, од претходните 50.000 евра“, рече гувернерот на грчката централна банка Јанис Стоурнас, додавајќи дека на тој начин се покриени речиси 70 отсто од барањата на претприемачите.
Грчките компании беа погодени од ограничувањата на износот кој смеат да го испратат во странство за плаќање на увезени сировини и останати производи по воведувањето на контролата на капиталните текови од 29 јуни и мораа да поднесуваат барања за одобрување на потребните износи за подмирување на долгувањата кон странските снабдувачи, што е временски долготраен процес.
Стоурнас истакна дека условите за претпријатијата се подобрени и дека властите имаат за цел да ги отстранат нерешените проблеми во наредните 10 дена.
„Што се однесува до прашањето за одобрување, сега сме многу блиску до нивото на месечен увоз во грчката економија кое го бележевме пред кризата“, рече гувернерот по состанокот со претставници на повеќе компании.