21 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПовластена стапка на ДДВ за изградба на станови и во следните три...

Повластена стапка на ДДВ за изградба на станови и во следните три години

ставре-ставре

Да се пролонгира до крајот на 2018 година повластената стапка на ДДВ за изградбата и првиот промет на станови се предлага во новиот Закон за ДДВ; што ќе придонесе за поддршка за градежниот сектор и ќе создаде услови за натамошна експанзија на станбената изградба, оцени денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

Предлог измените на Законот за ДДВ, што се во собраниска процедура, Ставрески очекува да бидат изгласани до крајот на месецов, а се на барање на градешниот сектор.

„Владата имаше слух за тоа барање и дадовме предлог за три години, значи до крајот на 2018 година, изградбата на становите и првиот промет на становите да биде со повластена даночна стапка од 5 проценти што ќе овозможи понатаму градежна експанзија во делот на станбената изградба и ќе ја одржи цената на становите која што со поддршка на оваа мерка на Владата ќе може да биде пониска отколку што би била ако имаме данок од 18 проценти“, изјави Ставрески.

Владината мерка која е воведена од крајот на 2009 година резултира со значително зголемување на изградбата на станови во Македонија.

„Ако пред донесувањето на оваа мерка имавме околу 600 до 700 стана годишно што се градеа во државата сега меѓу 1.700 и 1.800 станбени единици се градат годишно. Вториот бенефит од оваа мерка што исто така во меѓувреме влијаеше се разбира и со други мерки што се преземаа за поддршка на градежните компании за намалување на просечната цена на становите. Ако пред неколку години таа во Скопје изнесуваше 950 евра по метар квадратен денеска е 850 евра по метар квадратен, а во внатрешноста на Македонија, во помалите градови, за 100 евра се пониски овие цени“, рече Ставрески.

Според Роберт Хот, претседател на Градежната комора при ССК, градежните компании сметаат дека владината мерка ќе придонесе за стабилен раст и продолжување на нивната работа.

„Новите проекти за изградба на делници од брзи патишта заедно со планот и натаму да се градат локални патишта очекуваме да придонесуваат за натамошен раст. Капиталните проекти се повеќегодишни и за нив е обезбедена финансиска конструкција што ни дава за право да се надеваме дека градежниот сектор и натаму ќе биде двигател на вкупниот економски раст. Лидерската позиција на градежниот сектор се одрадзува директно и индиректно и во други економски сектори, односно повлекува раст на повеќе од 26 други гранки од економијата поврзани со него. Инвестициите во инфраструктурни проекти значат основа и неопходност за раст на секоја економија“, изјави Хот.

Советот на претседатели на стопанските комори како резултат на активностите, заложбите и иницијативите на Градежната комора во одредени законски измени кои треба да придонесат стабилност на градежниот сектор и позитивно да се одрзат и во други економски гранки ја прогласи Градежната комора за комора за 2015 година.

„Како претседавач на Советот на претседатели на стопанските комори, врз основа на успесите постигнати во изминатата година и иницијативите за 2015 година, чест ми е да Ве информирам дека Градежната комора на Македонија, советот ја прогласи за комора на 2015 година. Веруваме дека и следната година градежништвото ќе придонесува во голем дел за севкупен економски раст“, изјави Данела Арсовска, претседател на Сојуз на стопански комори на Македонија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП