17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГлоби ќе се плаќаат според заработката, бројот на вработени и поведението на...

Глоби ќе се плаќаат според заработката, бројот на вработени и поведението на фирмата

sobranie-sala

Собранието со двотретинско мнозинство изгласа три закона, кои во многу елементи ќе ги подобрат условите за граѓаните и за стопанските субјекти и тоа Законот за прекршоци; Законот за општа управна постапка и Законот за парнична постапка.

„Со Законот за прекршоци суштинска новина е воведување на принципот на нивелирање на санкциите согласно со економската моќ на субјектите“, рече Илија Димовски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Појасни дека за нивелирање на глобите се земаат предвид три критериуми, и тоа вкупниот приход во претходната фискална година, бројот на вработени и претходното поведение на фирмата.

Така, според приходот минимални 10 отсто ќе плати фирма која остваруваа приход до 500.000 денари, па сé до 70 отсто за фирми кои остваруваат приход од над 100.000.000 денари.

Според број на вработени ќе се изрекува санкција во висина од 5 отсто за фирми кои имаат максимум девет вработени (а такви се повеќе од 60.215 од вкупно 70.659, или над 85 отсто од фирмите во Македонија), па сé до 20 проценти од пропишаната глоба за фирми со над 250 вработени.

Третиот критериум е претходното поведение на субјектот за кој критериум може да се изрече најмногу 10 отсто од предвидената глоба, што значи дека ако претходно нема изречено санкција нема да ги плаќа овие 10 отсто.

„Глоба во иста висина како досегашната ќе плаќаат само фирмите кои имаат над 250 вработени (а такви се само 0,3 проценти од фирмите во Македонија), и имаат годишен приход од најмалку 100.000.000 денари. Сите други фирми ќе имаат далеку помали глоби. Овој пример е најповолен. Ако фирмата на која е изречена глоба има до 9 вработени и остварила приход од најмногу 500.000 денари, а претходно не била санкционирана, ќе плати само 15 отсто од сумата која претходно, пред донесување на овој закон, требало да ја плати. Односно ако пред три дена била санкционирана ваква фирма со глоба во висина од 500 евра, со примената на овој закон таа глоба ќе биде само 75 евра“, рече Димовски.

Со овие измени на Законот се воведува и можноста за опомена спрема правните лица и трговците поединци.

Со Законот за општа управна постапка ќе се постигне подобрување на транспарентноста на управните постапки, зголемување на довербата на граѓаните кон јавната администрација, професионализација на јавната администрација и нејзина ориентираност кон услугите кои таа ги дава, примена на информатичко-комуникациските технологии, усогласување со стандардите на ЕУ, зголемување на економичноста и ефикасноста на работата на јавната администрација.

Со Законот за парнична постапка, се предвидува задолжителен обид за решавање на спорните стопански односи чија вредност не надминува милион денари по пат на медијација пред заведување на постапката пред суд.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП