19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГабриел го критикуваше Шојбле поради предлогот за Грција

Габриел го критикуваше Шојбле поради предлогот за Грција

gabriel-shojble-ger

Германскиот министер за економија Зигмар Габриел го критикуваше во телевизиско интервју колегата, министерот за финансии Волфганг Шојбле, бидејќи тој сугерираше дека Грција привремено треба да ја напушти еврозоната.

Во текот на тешките преговори меѓу Атина и нејзините меѓународни доверители и челниците на еврозоната околу третиот пакет финансиска помош за спречување на банкрот и принудното излегување од еврозоната, кога грчката влада ја одби понудата од доверителите, германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле препорача Грција на пет години да го суспендира своето членство во зоната на еврото за да се фати во костец со своите големи економски проблеми. Меѓутоа, Зигмар Габриел, кој доаѓа од коалициската во власта Социјалдемократска партија (SPD), оваа идеја ја гледа како потенцијална иницијална каписла за зголемување на тензиите со конзервативците на канцеларката Ангела Меркел по прашањето на грчката должничка криза.

„Според моето мислење, не беше мудро да се изнесува такво нешто како германска сугестија“, смета Габриел, кој ја извршува и функцијата вицеканцелар, во интервјуто коешто беше емитувано во неделата навечер на програмата на јавниот сервис ZDF.

Габриел смета дека Шојбле, како член на конзервативната демохристијанска коалиција CDU/CSU, на тој начин сакал да ги испровоцира германските социјалдемократи, кои инаку имаа во почетокот поблаг став кон политиките на левичарскиот грчки премиер Алексис Ципрас, но при крајот на преговорите особено кога тие западнаа во ќорсокак, го загубија трпението и симпатиите кон Сириза.

„Сметам дека тоа требаше да се стори на поинаков начин, особено бидејќи Шојбле знаеше дека ние од Социјалдемократската партија сме подготвени да разговараме со Грците за напуштање на еврозоната исклучиво доколку тие самите тоа го сакаат“, вели Габриел во промотивно емитуваните исечоци од пообемното интервју.

И покрај тоа што Шојбле тврди дека кога станува збор за предлогот, бил согласен со својот коалициски партнер, Габриел како челник на социјалдемократите тврди дека за деталите од предлогот слушнал дури откако за нив почнало да се зборува во Брисел. Додава и дека Шојбле е во голем судир со канцеларката Меркел, којашто истакна дека привременото излегување на Грција од еврозоната „нема да мине“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП