2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКинези купуваат аеродром во Шпанија за 10.000 евра

Кинези купуваат аеродром во Шпанија за 10.000 евра

ilin-aero

Кинеската групација „Tzaneen International“ наскоро може за 10.000 евра да го преземе банкротираниот аеродром во градот Сиудад Реал, оддалечен 200 километри од шпанската престолнина Мадрид, бидејќи единствената се пријавила на лицитирањето.

На надавањето не била одредена почетна цена, па Кинезите кои таму сакаат да градат логистички центар за кинеските стоки, понудиле 10.000 евра.

Аеродромот, кој се наоѓа во централна Шпанија и од кој летаа нискотарифните компании „Ryanair“, „Vueling“, „Air Berlin“ и „Air Nostrum“, беше затворен пред три години. Станува збор за првиот приватен аеродром во Шпанија, кој беше отворен кон крајот на 2008 година, но веќе по една година прогласи стечај и беше затворен пролетта 2012 година. Има капацитет од пет милиони патници годишно, и писта долга четири километри.

Вредноста на тамошната инфраструктура е проценета на 40 милиони евра, па доколку до средината на септември никој не ја понуди сумата од минимални 28 милиони евра, аеродромот ќе стане сопственост на кинеската групација за само 10.000 евра.

Минатата година за аеродромот беше истакната цената од 100 милиони евра, а откако никој не се јави на понудата беше спуштена на 80 милиони. Повторно никој не понуди, па сега е преполовена на 40 милиони евра.

Од „Tzaneen International“ истакнаа дека Сиудад Реал сакаат да го направат европската порта за кинеските компании, како и дека во повторното ставање во функција на инфраструктурата ќе бидат вложени меѓу 60 и 100 милиони евра.

Претходно меѓу заинтересираните се споменуваат познатиот мадридски претприемач Франциско Хозе Ортиз и кинеската компанија „HNA Group“ која управува со четвртата по големина воздухопловна компанија во Кина.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП