На европските берзи денеска се тргува внимателно, по растот на цените на акциите петти ден по ред, бидејќи инвеститорите не сакаат позначително да ги менуваат позициите во пресрет на одлуката на грчкиот парламент.
FTSEurofirst индексот на 300 водечки европски компании околу 12,30 часот беше во минус 0,1 отсто, на 1.578 поени, откако вчера зајакна за 0,5 отсто.
Истовремено, лондонски Ftse беше во плус 0,05 отсто, на 6.757 поени, франкфуртски DAX за 0,16 отсто, на 11.535 поени, а париски CAC за 0,15 отсто, на 5.040 поени.
Нешто поголем раст бележат италијанската берза, со раст на индексот FTSE MIB за 0,4 отсто, како и португалската чиј индекс PSI 20 зајакна за 0,3 отсто.
„Берзите не бележат поголеми промени, во очекување на гласањето во грчкиот парламент подоцна во текот ан денот. Во наредните неколку недели очекуваме дека фокусот одново ќе се врати на фундаментите. Започнува сезоната на објава на финансиски резултати и сметам дека вниманието на инвеститорите ќе биде кон тоа насочено“, вели стратегот во HSBC, Роберт Парлерс.
Откако во понеделникот грчката влада и челниците на еврозоната постигнаа договор за реформите што државата треба да ги спроведе, а за возврат да добие нов, трет пакет на финансиска помош, денеска за тоа ќе одлучува грчкиот парламент.
Меѓу водечките добитници се акциите на швајцарскиот производител на пестициди Syngente, чија цена порасна за 3 отсто откако хеџ фондот Paulson&Co извести дека стекнал удел во таа компанија.
Значителен пад на цената, пак, бележи акцијата на Burberry, со пад на цената за 3,4 отсто, по објавата на тромесечните деловни резултати кои покажаа пад на приходите од малопродажбата.