20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЦипрас смета дека договорот мора да се спроведе и оти ќе го...

Ципрас смета дека договорот мора да се спроведе и оти ќе го задржи единството на Сириза

cipras-aleksis-aleksi

Грчкиот премиер Алексис Ципрас го бранеше во вторникот вечерта договорот за новиот пакет помош постигнат на самитот на еврозоната, изјавувајќи дека иако тоа била „лоша ноќ за Европа“ а договорот ѝ е „наметнат“ на Грција, договорот ја спасил земјата од излегување од еврозоната и мора да се спроведе, истовремено изразувајќи го уверувањето дека ќе успее да го зачува единството во владејачката коалиција Сириза и оти наскоро нема да распише предвремени избори.

„Целосно ја преземам својата одговорност за грешките и превидите и за потпишување на текстот во кој не верувам, но кој сум обврзан да го спроведам“, рече грчкиот премиер Алексис Ципрас во интервјуто за јавната телевизија ERT.

Ципрас истакна дека водел битка да не се намалуваат платите и пензиите, додавајќи дека фискалните прилагодувања во договорот се поблаги од прилагодувањата кои претходно биле договарани.

Грчкиот премиер соочен со силното незадоволство во неговата коалиција на радикалната левица Сириза поради договорот, рече дека Грција мора да се придржува до фискалните прилагодување предвидени со договорот.

Ципрас одби да зборува за конкретни пратеници кои не го поддржуваа договорот, и рече дека „Ќе сторам сé за да го сочувам единството на Сириза“. На упорноста на водителот да одговори за кои министри и пратеници станува збор, премиерот неколкупати повтори дека не сака да зборува за конкретни имиња.

Додаде дека има намера да го одработи својот целосен четиригодишен мандат и ја исклучи можноста од предвремени избори.

„Нема да бегам од одговорноста и ќе се обидам да ја спроведам мојата политичка програма во текот на четиригодишниот период“, рече и додаде дека нема намера веднаш да распише предвремени избори. „Изборите ќе зависат од соработката во коалицијата и парламентарното мнозинство“, рече Ципрас.

„Горка е вистината дека оваа еднонасочна улица за Грција ни е наметната“, истакна премиерот пред парламентот во среда да гласа за предлог законот кој е неопходен за да се усвои договорот со доверителите. Повеќе пратеници од фракциите во владејачката коалиција во вторникот јавно се изјаснија дека нема да го поддржат договорот од понеделникот, кој го сметаат за уште полош од предлогот што беше одбиен со референдумот од 5-ти јули.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП