12 мај, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗа опоравување на Грција се потребни од 74 до 78 милијарди евра

За опоравување на Грција се потребни од 74 до 78 милијарди евра

grcija evro

Доверителите на Грција бараат од властите во Атина „дополнителни буџетски заштеди“, бидејќи сметаат дека поради престанокот на работата на банките, грчката економија е дополнително ослабена и затоа не е доволна програмата за реформи и заштедата на јавните трошоци, која земјата ја достави за да добие нова програма за помош за справувањето со тешката финансиска криза.

Ова го изјавиле извори кои присуствувале на заседанието на министрите за финансии на еврозоната, на кое доверителите, Европската комисија (ЕК), Европската централна банка (ЕЦБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), ја претставиле оценката на програмата која ја доставиле атинските власти, назначувајќи дека тоа е „добра основа за преговори“.

Доверителите предупредуваат дека доколку Европскиот механизам за стабилност не достави нови средства, „ќе дојде до колапс на банките и значаен пад на грчката економија“, која повторно е во рецесија.

Според извештаите на ЕК, ЕЦБ и ММФ, за опоравување на Грција се потребни помеѓу 74 и 78 милијарди евра, додека пак за евентуално продолжување на роковите за отплата на грчкиот долг ќе се расправа подоцна, откако ќе дојде до дополна на програмата која ја понудила Атина.

Исто така се оценува дека предлозите на грчката влада се доближуваат кон барањата на доверителите за зголемување на ДДВ-то и намалување на трошоците за пензии, со што буџетските трошоци би се намалиле за 2,5 проценти од бруто домашниот производ, односно 4,5 милијарди евра.

Но ЕК, ЕЦБ и ММФ сметаат дека тоа веќе не е доволно поради нарушувањето на макроекономските и финансиските услови и дека предлозите на Атина веќе не се доволни за да се постигнат буџетски заштеди, а се стравува и дека зголемувањето на данокот би можело да го загрози економскиот раст.

Доверителите бараат и големи реформи на пазарот на труд и поголема можност за отпуштања, додека критики се упатени и на сметка на предлогот на грчката влада околу реформите на пензискиот систем.

Тие предупредуваат дека доколку не дојде до договор за програмата за помош на Грција, во состојба кога банкарскиот систем е на работ на бездната, нејзиниот банкрот „би имал сериозни последици за уште неколку земји од еврозоната“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП