22 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАШојбле очекува ‘извонредно’ тешки преговори за Грција

Шојбле очекува ‘извонредно’ тешки преговори за Грција

soble

Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле изјави во саботата во Брисел пред клучниот состанок на Еврогрупата во врска со предлогот на Грција дека очекува извонредно тешки преговори.

„Ќе имаме извонредно тешки преговори“, изјави германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле по пристигнувањето во Брисел на вонредната средба на Еврогрупата, телото коешто го сочинуваат министрите за финансии на 19-те земји членки на еврозоната и кои треба да го дадат своето мислење за најновите грчки предлози за реформи, коишто Атина ги поднесе со барање да ѝ бидат дадени дополнителни заеми во износ од 53,5 милијарди евра во следните три години по линија на Европскиот механизам за стабилизација (ESM).

Шојбле притоа истакна дека отпишувањето на долговите, како што сугерираа САД и делумно ММФ не е дозволено според основните европски договори, и изрази сомневања во некои од бројките коишто се изнесени во грчката програма, „Не сме подготвени да прифатиме бројки кои не се веродостојни“, рече германскиот министер за финанси.

Слична беше и изјавата на челникот на Еврогрупата, холандскиот министер за финансии Јероен Дијселблом.. „Договорот уште не е тука, очекувам тежок состанок, бидејќи има многу критики на грчката реформска програма . Тука, исто така, е и прашањето на довербата. Како може да ѝ веруваме на оваа грчка влада дека ќе го спроведе она што го вети?“, запраша Дијселблом.

Еврогрупата започна со состанокот откако грчките доверители, Европската комисија, Европската централна банка (ЕЦБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) оценија дека грчкиот реформски пакет, кој ноќта кон саботата го предаде владата во Атина откако го потврди грчкиот парламент, е добра основа за преговорите за новата програма за финансиска помош на Грција.

Челничката на ММФ, Кристин Лагард, изјави дека очекува напредок. „Денеска сме тука за да направиме голем напредок“, изјави Лагард за медиумите по пристигнувањето во Брисел каде што и таа ќе присуствува на вонредната средба на Еврогрупата.

Еврокомесарот за економски и финансиски работи, Пјер Московиси, изјави дека е неопходно „брзо да се спроведат реформите, за да се деблокира програмата за помош и да се разговара за прашањето на одржливост на грчкиот долг“.

Од друга страна, државниот секретар во холандското министерство за финансии Ерик Вјеберс изјави дека кај повеќе европски влади постојат сериозни сомневања во подготвеноста на грчката влада да ги спроведе реформите. „Повеќе влади од еврозоната, меѓу кои и мојата, сериозно се сомневаат во посветеноста на грчката влада и нејзината способност да ги спроведе предложените реформи. Разговараме за предлогот на грчката влада кој пред една седмица беше жестоко отфрлен. Тоа предизвикува сериозна загриженост“, рече Вјеберс.

Потпретседателот на ЕК задолжен за еврото и социјалниот дијалог, Валдис Домбровскиск, изјави дека реформската програма на грчката влада во голема мера е сличен на предлогот на третите институции доверители на Атина, коишто Грците на референдумот од 5-ти јули со огромно мнозинство го отфрлија следејќи го повикот на грчкиот премиер Алексис Ципрас.

Еден од најжестоките во критиките беше словачкиот министер за финансии, Петер Кажимир, кој изјави дека грчкиот предлог за реформи бил добар за завршувањето на втората програма за помош која истече на 30-ти јуни и која никогаш не беше докрај исполнета, но дека не е добар за третата програма. Истакна и дека гледа „голем проблем“ во одржливоста на грчкиот долг.

Доколку предлогот на Атина добие одобрување на состанокот на Еврогрупата, тогаш тој ќе може да послужи како основа за почеток на преговорите за третата програма за помош на Грција, а тоа би требало да го одобрат челниците на 28-те земји членки на Европската унија во недела на вонредниот самит во Брисел. Меѓутоа, дури и доколку на овој самите предлогот добие „зелено светло“, работата нема да биде завршена, бидејќи во некои земји членки програмата за помош мора да биде изгласана во националните парламенти.

Според коментарите коишто можеа да се слушнат изминатите денови, земјите членки на ЕУ се поделени во врска со грчкото прашање, Најпомирлива е Франција, којашто грчките предлози ги смета за веродостојни, а најтврда е Германија којашто силно се спротиставува на реструктуирањето на грчкиот долг.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП