6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАУнгарските компании заинтересирани за инвестиции во Македонија

Унгарските компании заинтересирани за инвестиции во Македонија

ungarski-kompanii888

Потенцијалите за унапредување на економските односи на компаниите од Македонија и Унгарија се големи, особено во делот на туризмот, земјоделството, инвестиции во енергетски и инфраструктурни проекти, како и заеднички настап на трети пазари.

Ова се дел од заклучоците од деловната средба меѓу претседателот на Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК), Данела Арсовска и официјалната делегација на Унгарија предводена од државниот секретар за економска дипломатија во Министерството за Надворешни работи, Левент Маџар, како и Јожеф Бенце, амбасадор на Унгарија во Македонија.

„Дискутиравме за можностите за подобрување на економските односи на компаниите од двете земји, зголемување на трговската размена и разгледување на можности за поттикнување на заедничка идна соработка на повеќе полиња. Во таа насока предвидено е одржување на голем Бизнис форум во декември 2015 година на кој ќе присуствуваат компании од двете земји. Сметаме дека има потенцијал за унапредување на туризмот, инвестиции во енергетски и инфраструктурни проекти, како и заеднички проекти за научни и иновативни истражувања“, изјави Арсовска.

Таа додаде дека потенцијалите за соработка меѓу компаниите за заеднички настап на трети пазари во иднина треба да бидат повеќе искористени, како и можностите за организирање на бизнис форуми и Б2Б средби за конкретна соработка. Исто така, на состанокот се даде поддршка на иницијативите на ССК за потпишување меморандум за соработка со водечки Стопански комори во Унгарија, со цел зголемување на соработката.

ССК ја организира оваа средба во соработка со Министерството за економија и Амбасадата на Република Унгарија.

Вкупната трговска размена меѓу двете земји во периодот 2012 – 2015 г. (јануари – мај) се движи меѓу 62 и 102 милиони американски долари и истата има тенденција на пораст.

Најзначајни производи во извозот од Македонија во Унгарија за 2014 година се нафтени масла, делови за седишта, електрични спроводници, пекарски производи, делови за мебел, одредени земјоделски култури. Додека најзначајни производи во увозот од Унгарија во Македонија за 2014 година се електрична енергија, пченица, нафтен кокс, техника и сл.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП