Цените на акциите на Волстрит благо пораснаа во четвртокот, по остриот пад во претходниот ден, бидејќи инвеститорите ги охрабри стабилизацијата на кинескиот пазар, а Грција вети дека ќе спроведе нови реформи за да добие меѓународна финансиска помош.
Dow Jones зајакна 33 поени, или 0,19 отсто, на 17.548 поени, додека S&P 500 порасна 0,23 отсто, на 2.051 поени, а Nasdaq беше во плус 0,26 отсто, на 4.922 поени.
Американските инвеститори ги охрабри вчерашниот скок на цените на кинеските акции за над 6 отсто, што ги буди надежите дека локалната берза ќе се стабилизира откако за само три недели берзански индекси потонаа за над 30 отсто.
Растот на кинеските берзи уследи откако властите воведоа нови мерки за стабилизација на пазарот, со кои ги олабавија правилата поврзани за добивање на кредит за инвестиции, а им забрани на големите инвеститори да продаваат акции на компаниите кои котираат на берзата.
Од половината на јуни загубени се околу 3.000 милијарди долари пазарна вредност на кинеските компании, поради што завладеа стравување дека крахот на берзата би можел негативно да влијае на целокупната кинеска економија и на најголемите светски пазари на капитал.
Од тие причини во средата цените на акциите на Волстрит остро паднаа, а вчера спласнаа стравувањата.
„Инвеститорите здивнаа бидејќи рааспродажбата на кинески акции не продолжи. Охрабрува и тоа што од Грција немаше никакви воинствени пораки“, вели Стив Голдман, партнер во компанијата Goldman Management.
Грчката влада синоќа на своите кредитори во еврозоната им испрати предлог реформи за да добие натамошна финансиска помош.
За најавените предлози на грчката влада лидерите на еврозоната ќе расправаат во наредните денови, како и на самитот на сите 28-членки на ЕУ во недела.
Благодарение на надежите дека Грција и нејзините кредитори ќе постигнат договор, на европските берзи цените на акциите силно пораснаа. Лондонски FTSE зајакна 1,40 отсто, на 6.581 поен, додека франкфуртски DAX скокна за 2,32 отсто, на 10.996 поени, а париски CAC 2,55 отсто, на 4.757 поени.