5 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБерлин не го сменил ставот кон Грција, предупреди дека отписот на долгот...

Берлин не го сменил ставот кон Грција, предупреди дека отписот на долгот може да ја урне еврозоната

грција-знаме

Позицијата на Берлин во однос на должничката криза на Грција не се изменил последните два дена, изјави германската канцеларка Ангела Меркел во четвртокот на прес-конференцијата во Сараево, а истовремено вицеканцеларот и министер за економија и енергетика Зигмар Габриел порача дека доколку долгот на Грција, како што сугерираше Вашингтон, биде безусловно отпишан, еврозоната ќе биде урната.

„Јас ќе повторам, дека за класично кастрење на долгот не може да се зборува, а оваа позиција не е променета од завчера до денеска“, изјави во босанскохерцеговската престолнина канцеларката Ангела Меркел, според прилогот што го емитуваше германската телевизија NTV.

Според Меркел, во 2012 година земјите од еврозоната веќе се занимавале со прашањето на намалувањето на товарот на долговите на Грција до одржливи нивоа. „Ги поместивме роковите за исплата на кредитите на Европскиот механизам за финансиска стабилност (EFSF) до 2020 година. Тоа не беше првпат да се занимаваме со намалување на притисокот од долговите“, додаде канцеларката.

Во февруари 2012 година, под надзор на ЕУ и ММФ, грчките власти спроведоа операција за намалување на долгот преку замена на старите државни обврзници со нови. Така, од активите чии иматели беа приватни доверители беа отпишани 53 отсто. Државните кредитори, пак, не учествуваа во тоа отпишување на долгот кое се процени на 107 милијарди евра, но ги намалија каматните стапки и ги продолжија рокот за доспевање на обврските.

Говорејќи во четвртокот на Техничкиот универзитет во Дрезден, пак, вицеканцеларот Зигмар Габриел рече дека смета оти безусловното отпишување на долговите на Грција нема да ѝ биде од помош, но може неповолно да се одрази врз целата еврозона.

„Верувам дека доколку еврозоната започне безусловно да ги отпишува долговите, нема да ѝ помогнеме на Грција, којашто веќе следниот ден ќе направи нови долгови. Покрај тоа, што ќе им кажеме на Шпанците, Португалците, Естонците Финците…? Еврозоната ќе биде разурната“, рече Габриел пренесе телевизијата n24.

Според Габриел, „треба да се најде компромис, но компромис, веројатно, може да биде постигнат на планот на реформите, коишто според мене мора да во голема мера да се однесуваат на системот на јавната администрација“. Прашањето, пак, за кастрење на социјалната помош, особено предложеното од страна на ММФ зголемување на даноците за лекови, челникот на германските социјалдемократи (SPD) ги нарече „целосно антисоцијални мерки“.

Истовремено „пензискиот систем и јавните служби (во Грција) се крајно неефикасни“, смета Габриел.

„Десет отсто од бруто домашниот производ (БДП) на Грција одат за пензии, а во Германија тоа е само 3 отсто, и тоа веќе не е малку, тоа е едноставно невозможно. Доколку нешто не се промени, ќе биде уште полошо. Се надевам дека седмицава ќе бидеме во можност да најдеме заеднички начин“, додаде германскиот вицеканцелар.

Претходно извршната директорка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристин Лагард и американскиот министер за финансии Џејкоб Ли, изјавија дека сметаат дека е неопходно ново отпишување на дел од надворешниот долг на Грција, покрај споменатото од 2012 година. Агенцијата Bloomberg потсетува дека приватните доверители тогаш се согласија да отпишат 53,5 отсто од износот на главнината на долгот, а дотогаш на Грција веќе ѝ простија 23 отсто.

Грција по референдумот од 5-ти јули со кој надмоќно беше отфрлен предлогот на меѓународните доверители за нова програма за помош на земјата која предвидуваше и дополнителни мерки за штедење, продолжува со тешките преговори со кредиторите. Земјите од еврозоната побараа од Атина до петок наутро да го претстави новиот план за реформи во замена за продолжувањето на финансирањето на нејзините долгови, а краен рој за постигнување договор е недела.

Меѓутоа, поради недостигот од финансиски средства од Европската централна банка веќе седмица и половина грчките банки се затворени поради немање ликвидност, се врши контрола на движењето на капиталот и е ограничено извлекувањето на готовина на 60 евра дневно од банкоматите. Земјата којашто откако на 30-ти јуни не ги исплати 1,6 милијарди евра од ратите кон ММФ влезе во технички банкрот, може и дефинитивно да банкротира доколку на 20-ти јули не ѝ плати 3,6 милијарди евра рата од заемот од ЕЦБ.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП