6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДраги се сомнева дека Грција ќе го избегне банкротот

Драги се сомнева дека Грција ќе го избегне банкротот

mariodragidragi1

Претседателот на Европската централна банка (ЕЦБ), Марио Драги, ги изрази досега најголемите сомневања дека Грција ќе успее да го избегне банкротот, во моментите кога се очекува грчкиот премиер Алексис Ципрас подоцна во четврток да го претстави последниот предлог реформи.

Грчката новинска агенција ANA пренесе дека претставници на грчката влада до крајот на денот во четвртокот ќе го предадат текстот со предлозите кој на Еврогрупата ѝ бил претставен минатата седмица, иако министрите за финансии на земјите од еврозоната тогаш изјавија дека не добиле никаков нов предлог од Атина.

Италијанскиот дневен весник Il Sole 24 пренесува дека челникот на Европската централна банка (ЕЦБ), Марио Драги, кој се наоѓа под голем притисок на Германија бидејќи ги одржува грчките банки во живот, изјавил дека не е сигурен дека ќе биде изнајдено решение за Грција, како и дека не верува оти Русија ќе ѝ помогне на Атина.

Запрашан дали може да биде постигнат договор за спасување на Грција, Драги пред заминувањето на самитот во Брисел рече „Не знам, овојпат тоа е многу тешко“. На прашањето, пак, дали очекува рускиот претседател Владимир Путин да ѝ помогне на Грција, челникот на ЕЦБ одговори дека „Не верувам, не го гледам тоа како можност… на крајот на краишта те немаат пари“.

ЕЦБ ги држи неликвидни грчките банки над површината за итна ликвидност, која истекува овој викенд кога челниците на земјите еврозоната мора да се договорат околу третата програма за финансиска помош на Грција, покрај досегашните два кои вклучуваа над 240 милијарди евра заеми и отпис на долг од 107 милијарди евра кон приватните доверители.

Поддршката на Драги за грчките банки остро беше критикувана од челникот на германската „Bundesbank“, Јенс Вејдман кој рече дека владите а не ЕЦБ треба да ѝ пружат помош на Атина.

„Централните банки мора да покажат кои се нивните лимити. Мора сосема да е јасно дека одговорноста за развојот на случувањата во Грција, паѓа на Грција, на грчката влада и на земјите кои даваат помош, а не на советот на гувернерите на ЕЦБ“, истакна Вејдман.

Според него, контролата на протокот на капиталот треба да остане на сила сé до постигнувањето на договорот, а ЕЦБ не би требало да пумпа дополнителни пари во грчките банки, коишто без тоа следната седмица може да крахираат.

Од друга страна Атина подготвува реформски пакет во износ од 12 милијарди евра во текот на следните две години, што е повеќе од претходно планираното за а го спречи враќањето на земјата во рецесија по петте месеци тешки преговори со доверителите, пишува во четвртокот атинскиот дневен весник Kаthimerini.

Според весникот, наместо очекуваниот раст од 0,5 отсто во 2015 година, по речиси половина година незивесност и две седмици ограничување на движењето на капиталот, рецесијата ќе изнесува 3 отсто. „Се проценува дека износот за мерките во износ од 8 милијарди евра коишто Грција ги предложи за 2015 и 2016 година, ќе мора да се зголеми за 2 милијарди годишно, што прави вкупно 12 милијарди евра за две години“, пишува Kathimerini.

Портпаролот на грчката влада, Габриел Сакеларидис изјави во четвртокот дека Атина е убедена дека може да постигна договор со меѓународните доверители кои може да бидат одобрени во националниот парламент. „Убеден сум дека договорот ќе добие поддршка од парламентарната група на Сириза и владејачката коалиција“, изјави портпаролот за грчката телевизија Antena.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП