9 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГрција побара кредит од ЕСМ, најави реформи следната седмица

Грција побара кредит од ЕСМ, најави реформи следната седмица

grcija-eu-grc-eu

Грција во средата поднесе официјално барање до Европскиот механизам за стабилност (ESM) за тригодишен кредит, повикувајќи се на загрозената финансиска стабилност на Грција и целата еврозона, и најавувајќи ги првите реформи веќе на почетокот од следната седмица.

Во писмото коешто го потпишал новиот грчкиот министер за финансии Евклид Цакалотос не го наведува износот на бараниот кредит, со напомена дека бараните пари би се користеле за исплаќање на грчките долгови зачувување на стабилноста на финансискиот систем.

„Во согласност со начелата на среднорочната до долгорочната програма за кредитирање Грција се обврзува да спроведе опсежен пакет реформи и мерки во областа на фискалната одржливост, финансиската стабилност и долгорочниот економски раст“, се наведува во официјалното грчко обраќање до ЕСМ, во чиј текст имал увид Reuters.

Реформите би требало да започнат да се спроведуваат од почетокот на следната седмица, се наведува уште во дописот, а треба да бидат во врска со даночниот и пензискиот систем, каде што интервенции бараа и доверителите со предлогот кој со големо мнозинство на референдумот од 5-ти јули го отфрлија Грците. Дополнително, чекори се предвидени и во насока на модернизација на грчката економија. Деталите, според текстот од барањето, би требало да бидат изложени пред Еврогрупата најдоцна во четврток.

Целта на Атина е најдоцна до истекот на рокот од кредитот повторно да си осигури пристап до меѓународните пазари на капиталот, со можноста за задолжување без ограничување и по прифатливи услови.

„Грција има намера навремено и во целоста да ги испочитува своите финансиски обврски кон сите кредитори. Се надеваме дека земјите членки се свесни дека нашето барање кредит бара итно разгледување“, се нагласува во писмото коешто го цитира Reuters.

Се потврдува, исто така, дека Грција сака да остане членка на еврозоната и да ги почитува прописите и регулативите коишто произлегуваат од тоа членување, се наведува уште во текстот.

Неименуван извор на Reuters рекол дека уште е прерано за процена за тоа колку пари Атина би морала да позајми од партнерите во еврозоната, бидејќи, според него, тоа зависи од процената на сé полошите економски изгледи и ситуации во јавните финансии кои би требало да ги направат кредиторите.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП