3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонија го доби првиот современ воз

Македонија го доби првиот современ воз

sovremen-voz554

Првиот од вкупно шестте современи патнички возови кои ги произведува Кинеската компанија ЦСР за потребите на Македонски железници промовиран е во вторникот во градот Џуџо, соопштија од министерството за транспорт и врски.

Станува збор за првата троделна патничка електро-моторна гарнитура (ЕМУ) наменета за потребите на МЖ Транспорт АД.

На промоцијата присуствуваше и македонскиот министер за транспорт и врски Владо Мисајловски, кој престојува во дводневна посета на Кина.

Согласно договорот за набавка на возовите, кој беше склучен минатата година, предвидено е на Македонија да и бидат испорачани патнички гарнитури на возови од кои четири се дизел-моторни троделни парнички гарнитури (ДМУ) и два троделни електоро- моторни гарнитури (ЕМУ).

„Денеска е значаен ден за Република Македонија. За прв пат од независноста на државата успеваме да набавиме нови патнички возови. Најавите од пред неколку години станаа реалност. Првиот од вкупно шестте патнички возови што ги набавуваме е веќе произведен. Компанија ЦСР се погрижи да ги запази роковите и за тоа сум им многу благодарен. Другите пет возови треба да се произведат во договорените рокови и очекувам дека во Македонија ќе се испорачаат согласно договорот”, изјави министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски.

Патничките гарнитури ќе бидат со вкупен капацитет од околу 1.200 патници (секоја гарнитура од околу 200 патници), ќе ги исполнуваат највисоките европски стандарди за превоз на патници, како во поглед на техничките карактеристики, така и во поглед на задоволување на стандардите за квалитетен превоз на патниците.

Истите ќе бидат целосно климатизирани, опремени со вакум тоалети, енергетски ефикасни и ќе ги задоволуваат сите безбедносни стандарди како и стандардите за превоз на лица со ограничена мобилност односно ќе бидат произведени согласно техничките стандарди за интероперабилност на Европската унија.

„Имам уверување од производителот дека овој прв новопрозиведен воз во најскоро време ќе биде транспортиран до Република Македонија и тој веднаш ќе се стави во сообраќај. Исто така имам уверување дека останатите пет возови ќе бидат произведени и транспортирани во Македонија согласно договорените рокови”, изјави Мисајловски.

Согласно договорот, Кинеската компанија ЦСР има обврска да ги испорача сите возови на почетокот на 2016 година. Вкупната инвестиција за набавка на шестте возови е 24.980.000 евра.

Во рамки на посетат министерот Мисајловски оствари средба и со гувернерката на провинцијата Хунан, Хуанг Линцианг.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП