Цените на акциите на Волстрит во понеделникот паднаа, но благо бидејќи инвеститорите се надеваат дека Грција ќе остане во еврозоната, иако нејзините граѓани на референдумот ги одбија предлозите на кредиторите и натамошните мерки на штедење.
Dow Jones ослабна 46 поени, или 0,26 отсто, на 17.683 поени, додека S&P 500 се спушти на 0,39 отсто, на 2.068 поени, а Nasdaq се намали на 0,34 отсто, на 4.991 поен.
На самиот почеток од вчерашното тргување цените на акциите значително паднаа, како и на сите останати светски берзи, поради неизвесната судбина на Грција, откако на референдумот во неделата нејзините граѓани решително ги отфрлија барањата на меѓународните кредитори.
Меѓутоа, загубите постепено се намалуваа, па во еден момент S&P 500 индексот дури и се проби во позитивно подрачје со оглед дека на Грција и е пружена уште една можност да остане во еврозоната.
Лидерите на Франција и Германија и порачаа на грчката влада дека вратата за преговори останува отворена и ја повикаа брзо да изнесе нови предлози за договор „пари за реформи“.
„Вратата за разговор е отворена“, рече францускиот претседател Франсоа Оланд на конференција за новинари со германската канцеларка Ангела Меркел.
Во вторник на вонреден состанок на министрите за финансии на еврозоната грчката влада треба да изнесе нови предлози кои би требало да бидат основа за натамошни преговори за нова меѓунаордна помош за Атина, која минатата недела, поради неможност да отплати рата од кредит кон ММФ, технички банкротираше.
„Грција не може да ги плаќа своите сметки, а другите членки на еврозоната се лутат бидејќи ќе мораат да ја платата сметката. Но, во игра не се само милијарди евра долгови, бидејќи Грција претставува јужна врата на Европа. Стратешката вредност не е квантифицирана. Би требало да се постигне договор за да Грција остане во еврозоната“, вели Карин Каваноф, аналитичарка во компанијата Voya Investment Management.
Инвеститорите вчера беа внимателни и поради неизвесноста во врска со натамошниот развој на берзата во Шангај, по вонредните мерки на кинексите власти.
Со оглед дека во последните три недели цените на акциите во Шангај потонаа за речиси 30 отссто, кинеските регулаторни власти постогнаа договор со над 20 брокерски куќи да вложат на берзите околу 20 милијарди долари и да не продаваат акции додека индексот Shanghai Composite е под 4.500 поени.
Под притисок на грчката драма, на европските берзи цените на акциите вчера остро паднаа. Лондонски FTSE се намали за 0,76 отсто, н 6.535 поени, франкфуртски DAX потона 1,52 отсто, на 10.890 поени, а париски CAC 2,01 отсто, на 4.711 поен.