19 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕвропските берзи под притисок на грчкото ‘не’

Европските берзи под притисок на грчкото ‘не’

berza evropa

На европските берзи денеска цените на акциите остро паднаа, продолжувајќи го надолниот тренд од минатата седмица, бидејќи откако Грците на референдумот во неделата го одбија предлогот на доверителите и новите мерки за штедење, на земјата ѝ се заканува излегување од еврозоната.

Euro STOXX индексот на 50-те водечки акции во еврозоната претпладнето беше во загуба од 1,7 отсто, откако минатата седмица веќе потона за 5 отсто, што беше најголем пад во 2015 година. Лондонскиот индекс FTSE, франкфуртскиот DAX и парискиот CAC во истиот период од тргувањето беа во минус меѓу 0,5 и 1,1 отсто. Под најголем притисок се акциите на банките , кои во просек во понеделникот претпладне паднаа за 2,3 отсто.

И на азиските берзи, претпладнето по средноевропско време, цените на акциите остро паднаа. Така индексот MSCI, на азиско-пацифичките акции, без јапонските, беше во минус од 2 отсто. Тоа е неговиот најголем дневен пад во последните две години, при што се симна на најниското ниво во последните шест месеци. На токиската берза, пак, индексот Nikkei потона за 2,1 отсто, на 20.112 поени.

Денеска за грчкото „не“ на итен состанок ќе разговараат францускиот претседател Франсо Оланд и германската канцеларка Ангела Меркел, додека во вторник е закажана средба на европските челници кои ќе одлучуваат за следните чекори во досега најголемиот предизвик за еврозоната откако е воведено еврото.

Во понеделникот, пак, челниците на Европската централна банка (ЕЦБ), еден од доверителите на Грција која треба да ѝ исплати на 20-ти јули 3,6 милијарди евра по заемот, на телеконференција ќе одлучуваат дали на грчките банки ќе им го зголемат износот за кредитирање или ќе го остават на досегашното ниво.

Грчките банки се затворени една седмица поради заканата од банкротирање поради големото повлекување на заштедите на граѓаните, а сумата која може дневно да се повлече е ограничена на 60 евра. Додека на сила се овие ограничување, банките ќе останат затворени, а грчката централна банка ЕЦБ веќе веднаш по одбивањето на предлогот на доверителите испрати барање до ЕЦБ да го подигне лимитот за итна помош за ликвидност на грчките банки од програмата ELA.

„Сега многу нешта зависат од тоа што ЕЦБ ќе стори по прашањето на поддршката за грчките банки, а таа има капацитети за спречување на ширењето на заразата“, вели за Reuters Антонин Жулие, директор за тргување во „Citi“ банката.

Инвеститорите стравуваат дека поради ризикот од излегување на Грција од еврозоната може да пораснат и приносите на државните обврзници на другите презадолжени членки на еврозоната, што би има ја зголемило цената на задолжување и така би ја отежнало финансиската ситуација.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП