20 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНа Волстрит вложувачите внимателни, пад на индексите

На Волстрит вложувачите внимателни, пад на индексите

wall street

На Волстрит во четвртокот цените на акциите забележаа благ пад бидејќи инвеститорите беа воздржани пред референдумот во Грција, но и поради нејасните показатели од американската економија.

Така индексот Dow Jones падна за 0,16 отсто, на 17.730 поени, додека индексот S&P 500 се лизна за 0,03 проценти, на 2.076 поени, а Nasdaq индексот ослабе за 0,08 отсто, на 5.009 индексни поени.

Во САД во јуни бројот на вработувањата се зголемил за 223.000, малку помалку од 230.000 колку што очекуваа аналитичарите во анкетата на Reuters. Стапката на невработеност, пак, падна од 5,5 на 5,3 отсто, најниска од 2008 година, но тоа најмногу е последица на намалувањето на работната сила во САД. Просечната сатница на месечно ниво остана непроменета, додека на годишно ниво пораснала за само 2 отсто.

Послабото зголемување на вработеноста отколку претходниот месец предизвика шпекулации дека американската централна банка нема да брза со зголемувањето на каматите, што инаку би требало позитивно да влијае врз пазарите. Но, од друга страна, пак, податоците од четвртокот покажуваат дека американската економија не заздравува од падот во првиот квартал од годинава толку брзо како што се надеваа инвеститорите.

„Растот на вработеноста не е толку спектакуларен да ја отстрани загриженоста на вложувачите поради настаните во Европа и во Кина“, вели Сајмон Литлвуд, аналитичар во компанијата „ACG Global“.

Инвеститорите се претпазливи поради продолжувањето на падот на цените на акциите на берзата во Шангај. Од 12-ти јуни цените на акциите во Шангај потонаа за повеќе од 20 отсто, што значи дека пазарот падна во областа на „мечката“, односно 20 проценти под своето најголемо ниво. И тоа, и покрај низата мерки на кинеските власти насочени кон стабилизација на пазарите. Кинеската централна банка ги намали неодамна клучните каматни стапки и стапката на задолжителна резерва на банките за да го поттикне растот на економијата, а владата првпат дозволи пензиските фондови да вложуваат во акции.

Сепак, инвеститорите на Волстрит најмногу ги загрижува Грција. Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во четвртокот предупреди дека на оваа членка на еврозоната ќе ѝ бидат потребни дополнителни 50 милијарди евра во следните три години за да ја стабилизира својата финансиска ситуација.

Преговорите меѓу Атина и доверителите се „замрзнати“ додека не биде познат исходот од рефереднумот во недела, на кој Грците ќе се изјаснат дали ги прифаќаат плановите на кредиторите за продолжување на меѓународната финансиска помош. Грчкиот премиер Алексис Ципрас ги повика граѓаните да кажат „не“ на условите на доверителите, за да ја зајакне позицијата на владата во преговорите со нив, и се надева дека уште во понеделник може да постигне договор со нив. Челниците на еврозоната, пак, порачуваат дека „не“ на референдумот би го довело во прашање останувањето на Грција во еврозоанта.

„Имајќи предвид на референдумот на недела во Грција и празникот (Денот на независноста – 4ти јули) во САД, активностите на берзите се послаби отколку во претходниот дел од седмицата“, вели Мајкл Арон, стратег во компанијата „State Street Global Advisors“.

На американските берзи во четвртокот сопствениците ги заменија само 5,5 милијарди акции, додека просечниот дневен обем во последните пет трговски денови изнесуваше 7,6 милијарди акции.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП