5 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИБрокери ќе ги советуваат земјоделците да ги осигураат посевите

Брокери ќе ги советуваат земјоделците да ги осигураат посевите

Mortgage Calculator

Брокерски друштва ќе ги посетуваат земјоделците за директно да им објаснат кои се бенефитите од осигурувањето на посевите и пакетот услуги што ги нудат осигурителните компании. Ова е предвидено со Меморандумот за соработка што денеска во Стопанската комора на Македонија го потпишаа Платежната агенција и Асоцијацијата на осигурителни брокерски друштва.

Согласно Меморандумот, брокерските друштва практично ќе бидат медијатори, а ваквата улога, на посредници меѓу производителите и осигурителните компании, ќе ја вршат бесплатно. Тие нема да им сугерираат на земјоделците од која осигурителна компанија да купат полиси, напротив, ќе им укажат која нуди најдобри услуги.

– Ова е крупен исчекор со цел максимално искористување на владината поддршка за купување земјоделски осигурителни полиси, рече заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски пред потпишувањето на Меморандумот.

Коњановски нагласи дека неодамнешните поплави и предизвиканите штети од нив, уште еднаш покажаа колкава е потребата од осигурување на површините.

– Последните неколку години се случија поплави, екстремно сушни периоди, од кои, на крај, земјоделците останаа најоштетени зашто не ги осигуруваат посевите, а државата секоја година ја зголемува поддршката за оваа намена, рече заменик министерот, потенцирајќи дека осигуреното е најсигурно.

Изминатиов период, додаде, беа направени бројни анализи за утврдување на причините поради кои македонските земјоделци се уште недоволно го осигуруваат родот и покрај поддршката на државата.

Како што беше речено на прес-конференцијата во Комората, засега само четири осигурителни компании во земјава нудат земјоделски полиси, а од вкупно регистрираните 100.000 земјоделци, само 1.500 купуваат полиси. Најголем е бројот во Кавадарци, 340, Ресен, 250 и Неготино, повеќе од 200. Најмногу, пак, се осигуруваат лозовите насади, 350 хектари, јаболката, 270 хектари, и житните култури, преку 210 хектари.

Годинава Владата обезбеди 35 милиони денари за земјоделските полиси. Мерката предвидува покривање 60 отсто од трошоците за осигурувањето. Поддршката ќе се зголеми до 70 или 80 отсто доколку заживее задругарството.

– Мерката се користи, но секогаш може повеќе и подобро, истакна директорот на Платежната агенција Тони Димовски.

Според него, аплицирањето е многу едноставно преку поднесување пријава во Подрачните единици на Министерството за земјоделство.

Како што рече Миле Попоски од Агенцијата за супервизија на осигурувањето, доколку посевите се осигурани, компанијата, во случај на елементарна непогода е должна да го исплати земјоделецот најдоцна 15 дена по проценката на настанатите штети.

За еден хектар лозје кој носи 10.000 килограми принос по просечна цена од 10 денари за килограм грозје, сумата за осигурување при целосно уништување на насадот/родот би била околу 100.000 денари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП