18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонија од 1-ви јули стана дел од заедничкиот транзитен систем на ЕУ

Македонија од 1-ви јули стана дел од заедничкиот транзитен систем на ЕУ

carina-carinska-prava

Македонија од 1-ви јули 2015 година стана дел од транзитниот систем на Европската унија (ЕУ), а со пристапувањето на земјата кон Конвенциите за заедничката транзитна постапка и за поедноставување на формалностите при трговија со стока се обезбедува единствено движење на стоката во рамките на земјите членки, од една влезна точка до местото на завршување на транзитната постапка, без разлика на тоа низ колку држави и гранични премини стоката треба да транзитира.

Електронската транзитна декларација со која е започната транзитна постапка во која било земја членка на Конвенцијата за заедничка транзитна постапка е прифатлива за сите земји членки на Конвенцијата. Тоа значи дека транзитните постапки кои започнуваат во царинска испостава во Македонија, можат да завршат, на пример, во царинска испостава во Германија и обратно.

Станувањето дел од заедничката транзитна постапка на ЕУ значи многу за Македонија, а од аспект на евроинтеграциите, влезот во заедничкиот транзитен систем во кој членуваат сите 28 земји членки на ЕУ, четирите земји членки на ЕФТА и Турција, е клучен адут во претпристапните стратегии бидејќи Македонија станува дел од царинскиот систем на ЕУ уште пред да стане нејзина полноправна членка.

Од економски аспект пак, ова значи олеснување на трговијата и со ЕУ, ЕФТА и Турција, потоа пан-европските коридори 8 и 10 ќе добијат дополнителна важност на поширок меѓународен план, а Македонија дополнително ќе го унапреди својот рејтинг во извештаите на повеќе релевантни меѓународни организации.

Генерално со заедничката транзитна постапка движењето на стоката е полесно и побрзо, царинските формалности се поедноставни, самиот транзит е поефикасен. За царинската служба, со заедничката транзитна постапка се подобрува системот за превенција и полесно се откриваат измамите, а безбедноста при спроведувањето на транзитните операции е зголемена.

За економските оператори, заедничката транзитна постапка овозможува повеќе придобивки, меѓу кои и: побрзо, поедноставно и поевтино спроведување на царинските постапки, односно работење, а со тоа и поголема конкурентност; 250.000 царински транзитни декларации годишно, помалку поднесени на граничните премини на РМ; можност електронската транзитна декларација да се користи како влезна збирна декларација во земјите членки на ЕУ; побрзо ослободување и раздолжување на транзитната гаранција, заради завршување на транзитната постапка во реално време; намалување на бројот на формалности при спроведување на поедноставените царински постапки во транзит; повисок квалитет на услугите кон економските оператори; намалување на времето на чекање кај одредишните испостави, поголема флексибилност при поднесувањето на декларациите, како и зголемена транспарентност преку електронско следење на податоците за транзитната операција;

За да стане дел од Конвенцијата потребно беше Македонија да добие покана за пристапување од Советот на Европската комисија, која пристигна на 18 мај оваа година како резултат на повеќегодишна, напорна и посветена работа на Царинската управа во која националното примарно и секундарно законодавство во делот на транзитот и единствената царинска декларација беше усогласено со Конвенциите, беа направени одредени промени во организациската поставеност на Царинската управа и зајакнувања на некои организациони единици кои се главни носители на заедничката транзитна постапка, беше обезбедено електронско комуникациско поврзување со Европската Комисија, беше подготвен, инсталиран и повеќе пати успешно тестиран компјутерски систем за транзит ткн Нов компјутеризиран транзитен систем, кој е основа за спроведување на транзитната постапка преку размена на електронски пораки помеѓу застапниците во царинската постапка и царинските испостави, како и помеѓу самите царински испостави, беа спроведени голем број обуки на царинските службеници и шпедитерите, и на крај, успешно беа спроведени пред-оценскаи оценска мисија од страна на Мешовитата комисија како тело на двете конвенции, во рамките на кои позитивно беше оценета спремноста на Република Македонија за пристапување кон споменатите конвенции.

Новиот компјутеризиран транзитен систем, кој ги исполнува барањата за интерконективност и интероперабилност со транзитните системи на ЕУ, како најбитен услов за пристапување кон Конвенциите беше развиен со 3 милиони евра финансиска подршка од ЕУ преку програмата ИПА 2008 и 0,5 милион евра учество на Владата на РМ.

Неговото успешно функционирање на национално ниво од 1-ви март минатата година досега, не само што беше еден од условите за пристапување кон Конвенцијата, туку практично ги покажа предностите на електронската транзитна постапка во однос на претходната постапка базирана на употреба на хартија, и воедно им овозможи на царинските службеници и шпедитерите преку секојдневната работа целосно да се обучат и подготват за функционирањето во заедничкиот транзит.

Вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески истакнувајќи го значењето од пристапувањето кон овие Конвенции рече дека истиот ќе придонесе кон побрз проток на стоката што позитивно ќе влијае на конкурентноста на нашата економија и трговската размена со земјите членки на оваа Конвенција, кои истовремено се и наши најголеми трговски партнери.

Директорот на Царинската управа, Наташа Радеска Крстевска, изрази благодарност до Делегацијата на Европската унија во Република Македонија за финансиската помош и соработката без кои реализацијата на овој проект немаше да биде можна, на Владата на Република Македонија, Секретаријатот за европски прашања и Министерството за финансии, за огромната помош и поддршка во спроведувањето на проектните активности, како и на ангажираните фирми во рамките на проектот со кои заеднички, партнерски беа спроведени сите предвидени активности. Радеска Крстевска му се заблагодари и на проектниот тим и на сите вработени во Царинската управа за нивниот ангажман и посветеност во реализацијата на овој исклучително важен проект.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП