13 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИлјадници Грци демонстрираа во Атина за поддршка на еврото

Илјадници Грци демонстрираа во Атина за поддршка на еврото

grcija-protesti-evroto

Повеќе од 30 илјади луѓе, и покрај дождот, се собраа на демонстрациите во вторникот навечер на улиците на главниот град Атина загрижени од можноста Грција да излезе од европската монетарна унија залагајќи да се гласа „за“ на референдумот во неделата за тоа дали треба да се прифатат условите коишто ги бараат доверителите за продолжување на финансиската помош кој треба да ја спаси земјата од банкрот.

Собраната маса гласно скандираше „да“, што според нив е единствениот вистински одговор на претстојниот референдум кој ненадејно го распиша ноќта кон саботата премиерот Алексис Ципрас отфрлајќи го предлогот на кредиторите за привремено продолжување на финансирањето на Грција за пет месеци со дополнителни 15,5 милијарди евра до постигнувањето на договорот за новиот пакет помош.

„На референдумот, кој беше одобрен од пратениците на таквите партии како што се Сириза (радикалната левица- з.м.), Анел (националистичката Независни Грци) и Златна зора (неонацисти), граѓаните треба да одлучат со ‘да’ или ‘не’ на единствената европската валута, со ‘да’ или ‘не’ на Европа. Прашањето не е во тоа да се прифати или да се отфрли предлог-договорот на кредиторите, кој практично во ништо не се разликува од предлогот на владата“, се наведува во соопштението со кое преку социјалните мрежи Грците беа повикани на собирот за поддршка на останувањето на земјата во еврозоната, пренесуваат грчките медиуми.

На еден од транспарентите на централниот атински плоштад Синтагма беше истакната паролата „Нема да станеме последната советска држава“, а на друг „Ние живееме во Европа“. Многумина носеа знамиња на Европската унија и извикуваа „Грција, Европа, демократија“, покажуваат телевизиските извештаи.

Според процените на медиумите бројката на излезените е малку поголем или речиси еднаква на бројката на излезените поборници на одговорот „не“ на собирите во понеделникот во Атина и Солун во поддршка на левичарската влада на Ципрас, иако во понеделничките извештаи се зборуваше за 13 илјади во главниот град и четири илјади поддржувачи на владата во вториот по големина град во земајта.

Во Грција сметаат дека барањето на кредиторите за зголемување на некои даноци и намалување на пензиите, како што толкува владата, би ѝ наштетило на земјата којашто веќе ја трпи една од најголемите економски кризи во модерната историја, други, пак, стравуваат дека одбивањето на понудата би довело до уште поштетно оддалечување од заедничката европска валута и до финансиските пазари.

„Ќе биде многу тешко во секој случај, но со Европа имаме подобра иднина“, вели во анкетата на Reuters 24-годишна постдипломка Паула Папајанаполи. „Чувствувам несигурност, не знам дали воопшто ќе имаме пари или каква и да е работа во иднина“, додава.

Европските челници им порачаа на Грците дека одбивањето на програмата за штедење ќе ја исфрли земјата од еврозоната којашто ја сочинуваат вкупно 19 земји, и ќе ја осудат на уште полоши економски и социјални проблеми. Гласањето „за“, пак, би можело да значи и заминување на Ципрас од власта и да создаде услови за нови преговори за новата програма за помош.

Во моментов не е објавено ниедно испитување на јавното мнение од кое би можело да се насети како ќе гласаат Грците. Повеќето Грци во претходните анкети, пред закажувањето на референдумот, веќе подолг период му даваа предност на останувањето во еврозоната, за што и Ципрас тврди дека е негова цел и покрај предупредувањата од Брисел, дека за тоа е потребно да ги промени и политичките ставови.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП