7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕЦБ го одби барањето за дополнителни 6 млрд за Грција, која нема...

ЕЦБ го одби барањето за дополнителни 6 млрд за Грција, која нема да го плати долгот кон ММФ

grcijagrcijaeuueueueue

Европската централна банка (ЕЦБ) го одбила во неделата барањето на Грција да ѝ исплати дополнителни 6 милијарди евра итна помош, но се очекува дека ќе продолжи со финансирањето на грчките банки до референдумот на 5-ти јули, соопштија добро информирани извори во понеделникот, а од Атина соопштија дека нема да исплатат 1,6 милијарди евра од четирите јунски рати од кредитот кон Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

Грчкиот премиер Алексис Ципрас кој ненадејно во петокот вечерта ги прекина преговорите со грчките доверители за новиот пакет надворешна финансиска помош за земјата кој подразбира реформи, и распиша референдум за пакетот, во неделата вечерта во обраќањето до нацијата преку државната телевизија ги објави мерки за контрола на движењето на капиталот за да го спречи колапсот на грчките банки.

Банките во Грција ќе останат затворени до 6-ти јули, а повлекувањето од банкоматите е ограничено на најмногу 60 евра дневно по картичка, објави владата. Грците последните две седмици дневно од банките извлекувале околу милијарда евра, додека претходно тој износ се движел меѓу 200 и 300 милиони евра.

Загрижена поради повлекувањето на готовината, централната банка на Грција побарала во неделата од гувернерите на ЕЦБ актуелната линија од итните кредити (ELA) од 89 милијарди евра да ја зголеми за шест милијарди за да ја задржи ликвидноста на банкарскиот систем. Но и покрај ризикот од колапс на банките, ЕЦБ во неделата извести дека нема да го зголеми нивото на итните заеми за Грција, што е дополнителен притисок врз грчките банки кои последните неколку седмици преживуваа токму благодарејќи на постепеното зголемување на финансиските средства од страна на ЕЦБ.

„Централната банка на Грција побара 6 милијарди евра во рамките на ELA. Тој предлог испратен до ЕЦБ го потпишал гувернерот на грчката централна банка. По повикот на референдум и прекинот на преговорите, не можеше да се стори ништо друго освен она што се случи“, изјавил неименуван соговорник на Reuters.

Бидејќи тоа можела да го потресе и онака нестабилниот грчки банкарски систем, грчкиот премиер Алесис Ципрас во неделата објави дека банките од понеделник нема да работата, а владата воведе контрола на движењето на капиталот, односно ограничување во повлекување или трансакции на парите од грчките банки.

На длабочината на финансиската криза со којашто се соочува Грција укажува дека Атина нема да може во вторник, 30-ти јуни, кога истекува рокот да плати 1,6 милијарди евра кон ММФ, кој претходно ѝ одобри, според прописите, да ги обедините сите четири рати во една кои доспеваат за наплата во јуни.

Грчките министри повеќепати претходно предупредуваа дека земјата нема да има пари за исплата на кредитите, доколку не биде постигнат договор со доверители со што ќе беше деблокирана траншата од 7,2 милијарди евра од актуелниот пакет за финансиска помош, која беше замрзната додека траеја преговорите условите под кои ќе биде продолжено надворешното финансирање на Грција.

Неплаќањето на кредитите, заедно со оние во износ од 6,7 милијарди евра кон ЕЦБ кои доспеваат за наплата во јули и август, ја приближува Грција до излегувањето од еврозоната, заедно се прекинувањето на кризното финансирање за грчките банки од ЕЦБ., потсетува Reuters.

Владата во Атина со сител сили се труди да ги убеди туристите дека кризата во банкарскиот сектор нема да влијае врз нивниот престој во земјата во којашто туризмот сочинува петина од бруто домашниот производ (БДП). Имено ограничување не се однесува на кредитните и дебитните платежни картички издадени во странство, порачуваат грчките министри коишто уверуваат дека туристите може да бидат спокојни.

Белата куќа објави дека американскиот претседател Барак Обама и неговиот француски колега Франсоа Оланд телефонски разговарале за грчката криза и се договориле дека е важно да биде донесен пакет реформи коишто Грција би ја вратил на патот на одржливиот раст. Портпаролот на Белата куќа, Џош Ернест изјави дека „постигнувањето на таа цел е во интерес на сите страни на преговарачката маса“, пренесува Reuters.

Велика Британија има разработени планови за помош на своите државјани во Грција, доколку ситуацијата се влоши по воведување на надзорот над капиталот, изјави британскиот министер за финансии, Џорџ Озборн. „Министерството за надворешни работи ги активираше плановите со коишто може да се пружи дополнителна помош на теренот, доколку ситуацијата се влоши“, изјави Озборн пред британскиот парламент.

Кинескиот премиер Ли Кечианг, кој престојува во Брисел на самитот ЕУ – Кина, изјави дека Пекинг „сака Грција да остане во еврозоната“. „Она што Кина сака да го види е обединета Европа, просперитетна Европа и силно евро…., бидејќи тоа не е само во интересот на Европа, туку у на Кина, како и на остатокот од светот“, изјави Ли, пренесува AFP.

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, „има разбирање“ за политиката на грчкиот премиер Алексис Ципрас и се надева оти Брисел ќе го спречи „сценариото со негативни последици“ за Грција, објави руската дипломатија, пренесе агенцијата ТАСС. „Сергеј Лавров изрази разбирање за потезите на Алексис Ципрас и се надева дека Брисел ќе го избегне сценариото со негативни последици за Атина“, соопшти министерството по телефонскиот разговор меѓу шефот на руската дипломатија и неговиот грчки колега Никос Коѕиас.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП