7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНБРМ : Нема причина за загриженост, банките работат нормално

НБРМ : Нема причина за загриженост, банките работат нормално

bogov2

Гувернерот на Народната банка Димитар Богов порача дека нема причина за загриженост, банкарскиот сектор функционира непречено, а нормално работат и банките во сопственост на доминатни грчки акционери.

На прес конференцијата свикана откако Грција воведе контрола на капиталот и привремено ги затвори банките, Богов изрази уверување дека банкарскиот сектор во Македонија е отпорен на секаков шок што може да се случи поради ситуацијата во Грција.

Гувернерот информираше дека НБРМ во неделата донела превентивна мерка со која целосно се затворени вратите за можен одлив на капитал од Македонија кон Грција.

„Иако не очекуваме дека такви обиди ќе има, сепак за да бидеме на сигурно, ја донесовме таа одлука со која нормалното работење меѓу македонски и грчки фирми продолжува како и досега. Единствено сега нема да може да се даваат позајмици и вложувања од Македонија кон Грција“, истакна Богов.

Тој потсети дека со Законот за банки има ограничување според кое домашните банки не може да се изложуваат кон матичните групации повеќе од десет отсто од својот капитал.

„Пред две години донесовме и една макропрудентна мерка со која што за секоја изложеност кон земји кои што имаат кредитен рејтинг понизок од Б- веднаш банките ќе мораат да издвојат 50 проценти резервација“, рече Богов.

Тој рече дека македонските граѓани во Грција можат да повлечат пари од банкоматите онолку колку што им е лимитот зададен од матичната банка.

Гувернерот информираше дека нема повлекување на депозити од македонските банки и дека сите банки и банкомати во државата работат нормално.

Според Богов, доколку банкарскиот сектор во Грција пропадне, тоа нема да се одрази врз домашниот банкарски сектор.

„Доколку дојде до крах на банкарскиот систем во Грција тоа ќе биде многу лоша ситуација за грчката економија, меѓутоа во Македонија тоа нема да се одрази воопшто. Нашиот банкарски систем ќе продолжи да функционира без никакви последици. Оние банки кои се во грчка сопственост, се домашни банки кои работат според нашата регулатива и тие ќе продолжат да работат. Единствено може да го променат сопственикот“, рече Богов.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП