10 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПотпишан договорот за формирање на азиската инфраструктурна банка

Потпишан договорот за формирање на азиската инфраструктурна банка

banbanka-aziska

Азиската банка за вложувања во инфраструктурата (AIIB) којашто ја предводи Кина ја доби во понеделникот и официјалната рамка, откако претставници на 50 земји го потпишаа документот за формирање на новиот меѓународен кредитор, за кој се смета дека ќе им биде голема конкуренција на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка.

Австралискиот министер за финанси Џо Хоки прв го стави својот попис на низата членови од договорот за здружување со коишто се воспоставува законската рамка за Азиската банка за вложувања во инфраструктурата (AIIB). По него документот во Големата сала на народот во кинеската престолнина Пекинг го потпишаа претставниците на уште 49 земји. До крајот на 2015 година договорот ќе го потпишат уште седум држави, со што вкупниот број основачи ќе се искачи на 58 земји.

Основниот капитал на AIIB ќе изнесува 200 милијарди американски долари, а во почетната фаза би требало да изнесува до 20 милијарди долари, според документот потпишан во понеделникот.

„Потпишувањето на договорот го олицетворува конкретниот потег и настојувањата на сите земји во духот на солидарноста, отвореноста, инклузијата и соработката“, изјави по церемонијата на потпишувањето, кинескиот претседател Си Џинпинг.

Кина, со удел од 30 отсто, ќе биде најголемиот акционер на новиот меѓународен кредитори, се дознава од документите објавени на интернет страницата на кинеското министерство за финансии. Следи Индија со 8,4 отсто, како и Русија со 6,5 отсто. Меѓу земјите надвор од Азија, според овие податоци, најголем акционер на AIIB е Германија, со удел од 4,5 отсто, па Франција со 3,4 проценти и Бразил со 3,2-отстотен удел.

Во гласачката структура на AIIB помалите членки имаат за малку поголемо право на глас отколку што би наложувал нивниот удел. Така, Кина според соопштението приложени со документот, ќе има 26 отсто од гласовите, што нема да ѝ биде доволно за ставање формално вето во сите одлуки, меѓутоа ќе и гарантира предност во одлучувањето за претседателот на институцијата, суспендирање на членки или за промена на прописите.

„Уделот на Кина во акционерскиот капитал и во бројот на гласовите при основањето на AIIB е природен резултат, втемелен на прописите за кои одлучуваа сите членки. Кина не настојува да го обезбеди за себе правото на вето“, изјавил помошникот на министерот за финансии Ши Јаобин, пренесува официјалната кинеска новинска агенција Синхуа, и истакнал дека кинескиот удел во гласовите би можел да биде намален со пристапување на нови членки кон AIIB.

Се очекува дека банката ќе започне со работа во втората половина од годинава. Нејзиното седиште ќе биде во Пекинг, и покрај предлогот на Индонезија тоа да биде во Џакарта. Сите финансиски услови и договори, сепак, се искажани во американски долари, а не во кинески јуани, а официјалниот јазик ќе биде англискиот, забележува AFP.

Почетните 50 милијарди американски долари капитал на AIIB, во најголем дел ги обезбеди Кина којашто ја претставува оваа банка како инструмент за финансирање на регионалниот развој и како можен конкурент на меѓународните заемодавачи чии седишта се во САД, како што е Светската банка. Кина во октомври 2014 година заедно со дваесет земји потпиша меморандум за разбирање со кој беше најавено основањето на развојната банка со седиште во Пекинг.

Азиската банка за инфраструктурни вложувања (AIIB), која претставува предизвик за постојните глобални институции како Светската банка и Азиската банка, доби студен одговор од САД, но и покрај тоа европските американски сојузници, меѓу кои се Велика Британија, Франција, Германија и Италија, веќе најавија дека ќе ѝ се придружат на банката. Други важни земји, како Турција, Јужна Кореја и Бразил, исто така, соопштија дека се придружуваат на AIIB.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП