11 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГруевски во Париз ги претстави бизнис потенцијалите на Македонија

Груевски во Париз ги претстави бизнис потенцијалите на Македонија

gruevski-pariz

Македонија нуди одлични услови за правење бизнис и поседува огромен потенцијал за интензивирање на бизнис соработката меѓу неа и Франција, рече во петокот македонскиот премиер Никола Груевски на бизнис форумот кој се одржа во организација на групацијата Македонија 2025 во француската престолнина Париз.

На бизнис форумот, на кој присуствуваа претставници на повеќе компании од Франција, како и успешни менаџери и стопанственици со потекло од Македонија, претседателот на Македонската влада, Никола Груевски, беше придружуван од министерот за надворешни работи, Никола Попоски, министерот за привлекување на странски инвестиции, Горан Мицковски, и директорот на Агенцијата за привлекување инвестиции и промоција на извозот, Климент Шекеровски,

На бизнис форумот беа презентирани успешни бизнис примери на повеќе странски инвестиции кои веќе се развиваат во Македонија. Се одвиваше во три посебни панела, а воведно обраќање имаше премиерот на кое ги презентираше поволностите за инвестирање во нашата земја.

Груевски притоа истакна дека Македонија е држава којашто нуди одлични услови за правење бизнис и додаде дека постои огромен потенцијал за интензивирање на бизнис соработката меѓу двете земји. Посочи дека во последните седум до осум години земјата прерасна во атрактивна дестинација за водење на бизнис.

„Светската банка во 2006 година нé рангираше на 94-то место во светот, сега сме на 30-то место според добрите услови за правење бизнис, а, исто така, државата во насока на надминување на хендикепот на мал пазар склучи договори за слободна трговија со сите земји од Европа, вклучувајќи ги државите и надвор од Европската унија, освен Русија, што овозможи извоз без царински давачки“, истакна Груевски.

Премиерот посочи дека за сето тоа да се случи биле направени многу напори, од реализцијата на проектот Регулаторна гилотина со којшто се сусени илјадници бирократски процедури, скратени се трошоците за правење бизнис и многу се инвестира во образованието.

„Нудиме најниски даноци во Европа и најниски трошоци за правење на бизнис, за логистика, енергија и нудиме компетитивна работна сила. Македонија нуди и серија можности за инвестирање во технолошко-индустриските развојни зони, во коишто инвеститорите се ослободени во првите 10 години од плаќањето на данокот на добивка и персоналниот данок на доход, а се ослободуваат и увозите на компаниите во зоните од плаќање на царина и на плаќање на данок на додадена вредност (ДДВ)“, рече Груевски.

Покрај презентацијата на бизнис можностите кои ги овозможува Македонија, премиерот Груевски оствари и повеќе одделни состаноци со многу од присутните на форумот кои покажаа интерес за доаѓање, инвестирање и трговија во и со Македонија, како и пласман на македонски производи од Македонија во Франција.

„Тука се присутни доста луѓе кои работат за компании кои се увозници тука во Франција и преку кои што може да се издејствува извоз на македонски производи на францускиот пазар каде има голем потенцијал, изјави Груевски.

Претседателот на извршниот одбор на Македонија 2025, Роберт Арсов истакна дека станува збор за многу важен бизнис форум за групацијата Македонија 2025, бидејќи е прв од таков тип што го организираат во Европа.

„Нашата цел е да ја активираме и анимираме нашата дијаспора, да се запознаат со Македонија, со условите за водење на бизнис во Македонија и потенцијалите кои стојат на располагање“, рече Арсов.

Стив Шарп, претседателот и извршен директор на компанијата „Еуромакс Рисорсис“, која веќе има почетна инвестиција во областа на металската индустрија во Македонијам, го истакна позитивното искуство од соработката со Македонската влада и од инвестициската клима во земјата.

„Нашето искуство во Македонија е апсолутно одлично. Од Владата покажаа разбирање за сите работи за кои разговаравме, а кои се издржани. Начинот на кој тие имаат интеракција со бизнисот е како никаде на друго место, другите европски држави можат да научат важна лекција од Македонија во начинот на привлекување на странските инвеститори. Имаме редовен дијалог и дваесет и четири часовен пристап во комуникацијата со министрите“, порача Шарп.

Шарл Паради, сопственикот на компанијата „Бјуик Констракшн“ и претседател на здружението на француски мултинационални компании „Медеф Интернасионал“, пак, посочи дека инвестициската клима во Македонија е пријателска за бизнисот и носи огромен потенцијал. „Мислам дека бизнис климата секојдневно се подобрува и мислам дека тоа е шанса која треба да ја искористат француските компании да го засилат своето присуство во Македонија“, заклучи Паради.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП