8 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТрифун Костовски прогласен за личност на Југоисточна Европа од областа на економијата

Трифун Костовски прогласен за личност на Југоисточна Европа од областа на економијата

trifun 22

Македонскиот бизнисмен и поранешен градоначалник на Скопје, Трифун Костовски ја доби наградата SEE Personality 2015 (личност на Југоисточна Европа за 2015 година) во доменот на економијата и филантропијата која му беше доделена на фестивалот SEE in Berlin.

Реномираната манифестација се одржа од 10-ти до 13-ти јуни и домаќин беше еден од најстарите универзитети во Европа, „Хумболт“ во главниот град на Германија. Престижните награди беа доделени на отворањето на фестивалот, а покрај господинот Костовски, глумецот и музичар Раде Шербеџија беше прогласен за актер на Југоисточна Европа за 2015-та година.

Одлуката за тоа во чии раце ќе отидат овие ценети признанија ја носат врвни интелектуалци и културната елита на Европа. Трифун Костовски лично ја подигна наградата на фестивалот SEE in Berlin пред многубројна публика.

„Наградата многу ми значи особено поради тоа што ми беше доделена од жири составено од реномирани личности од културната сфера во Европа. Дел од комисијата беше и поранешниот амбасадор и писател Јордан Плевнеш како и истакнати личности од областа на филмот во Германија и Франција. Тие посочија и дека Балканот може многу да понуди и веќе нуди на полето на  уметноста што мене ме прави горд како човек и граѓанин на Македонија“, изјави господинот Костовски по повод добиеното признание.

trifun 23

Пет изданија од оваа манифестација под името SEE a Paris веќе се имаат одржано во градот на светлината. Но ова е прва година, покрај француската верзија, настанот да има и германско издание кое ќе прерасне во традиционално. Директор на фестивалот е македонскиот писател и ректор на универзитетот ЕСРА, Јордан Плевнеш и настанот се организира со цел да се обединат земјите од Југоисточна Европа и да се претстави нивната кинематографијата во срцето на двете метрополи – Париз и Берлин.

Во тек на четирите фестивалски дена во Германија беа прикажани голем број играни, документарни и кратки филмови по што стручно жири им додели награди на најдобрите остварувања. За најдобар филм беше прогласен „Колку прекрасен свет“ на Анатол Дурбала од Молдавија; наградата за режија отиде кај Бранко Иштванчиќ од Хрватска додека во категоријата краток филм триумфираше „Балкон“ на Линдита Зекирај од Косово. Хрватскиот глумец Александар Богдановиќ го доби признанието за најдобар актер за улогата на Филип во „Мост на крајот на светот“ додека Флоља Кодели ја воодушеви комисијата со улогата во краткиот филм „Симпозиум“ од Албанија и победи во женска категорија.

На SEE in Berlin беа прикажани остварувања од Македонија, Турција, Црна Гора, Хрватска, Косово, Романија, Словенија, Србија, Бугарија, Албанија, Грција и Босна и Херцеговина.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП