Турскиот национален авиопревозник „Turkish Airlines“, објави дека ќе купи 117 авиони од европскиот производител на авиони Ербас, а нивната испорака е планирана за периодот од 2015 до 2020 година.
Со оваа набавка двојно ќе се зголеми флотата на компанијата од Турција која сака да стане светски лидер.
„Одборот на директори на авиокомпанијата најави набавка на 117 авиони кои ќе бидат приклучени на постоечката флота“, се вели во соопштението на „Turkish Airlines“, а пренесува агенцијата АФП.
„Вредноста на овој договор е 9,3 милијарди долари“, се додава во соопштението.
Набавката се однесува за моделот Ербас А320, кој е тип на авион наменет за средна класа.
„Класата на авионот А320 со своите економски бенефити и големиот комфор во кабината значително ќе допринесе во исполнувањето на нашите амбициозни планови за раст“ изјави портпаролот на компанијата од Турција, Фарук Чизмечиоглу.
За разлика од другите авиопревозници во Европа, „Turkish Airlines“ превзема агресивни чекори со цел да стане глобална авиокомпанија, влегувајќи во директна конкуренција со ривалските авиокомпании од Блискиот исток, како што се „Emirates“ и „Qatar Airways“.