Турција потврди дека на „Газпром“ му издала дозвола да врши на нејзина територија инженерски истражувања по поморскиот дел од планираниот гасовод Турски тек, изјави за медиумите портпаролот на турското министерство за надворешни работи, Танжу Билгич, откако претходно во понеделникот рускиот енергетски гигант објави соопштение во кое наведе дека ги добил потребните дозволи од властите во Анкара.
„Издадена е дозволата во врска со физибилити студијата за активности во територијални води за првата линија на гасоводот со капацитет од 15,75 милијарди кубни метри гас од новиот проект за гасоводот“, истакнал Билгич.
Претходно во понеделникот „Газпром“ издаде соопштение во коешто информираше дека Турција ѝ ги издала на компанијата потребните дозволи. Тие овозможуваат да се проведат истражувања по трасата на првата линија од планираниот гасовод во ексклузивната економска зона, како и во територијалните води на Турција.
Поморскиот дел од гасоводот „Турски тек“, ќе се состои од четири линии со капацитет од по 15,75 милијарди кубни метри природен гас. Овој гасовод 660 километри ќе минува по трасата на проектот Јужен тек од кој Русија се откажа за што ја обвини Европската унија дека поставува опструкции, и 250 километри по новата траса која е пренасочена кон европскиот дел од Турција. Се претпоставува дека снабдувањето на гас по првата линија ќе биде димензионирано за задоволување на потребите на растечкиот турски пазар на енергенси.
Турската страна, исто така, потврди дека процените за можното влијание врз животната средина, подготвени за поморскиот дел од гасоводот Јужен тек, можат да бидат искористени при градењето на новата гасоводна магистрала.