Втората меѓународна работилница за продуценти, која на едно место ќе собере повеќе од дваесет експерти од целиот свет, од 24-то јуни до 1-ви јули, за прв пат ќе се одржи во Скопје.
Секоја година „Producers workshop“ преку EАVE (European Audiovisual Entrepreneurs) првите две работилници ги одржува во Луксембруг, а останатите во некоја друга европска земја.
EАVE е најголемата водечка организација и мрежа за професионален развој на продуцентите од Европа.
Министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска рече дека ова ќе биде особено важно за унапредувањето на филмската дејност во Македонија, како и можност за богатување на македонската филмска продукција.
„Годинешното издание на овој еминентен собир во нашата земја ќе се одржи во присуство на повеќе од дваесет истакнати експерти од најреномираните институции од филмската дејност од целиот свет кои ќе ги презентираат и разменат своите идеи, поврзани со аудиовизуелното наследство кое е специфична колективна културна меморија на човештвото“, рече Канческа-Милевска.
На годинешната работилница ќе присуствуваат големи светски имиња, како Роберто Ола извршен директор на EUROIMAGE, Силвија Сандроне од медиа дескот на Креативна Европа, Ирма Симанските раководител на секторот за продукција на Литванскиот филмски центар, Лена Пасенен поранешен директор на филмскиот Институт за култура и наука во Будимпешта а денес директор на фестивалот Док Лапцинг, Мартин Даниел професор на Универзитетот во Јужна Калифорнија.
На отворените сесии и индивидуални состаноци експертите и предавачите ќе дискутираат за правните регулативи на продуцирање и ко-продуцирање во Европа, развој на филмските проекти, маркетингот, финансирањето на филмовите, дистрибуцијата, продажбата како и за други актуелни аспекти на филмот.
Проекти од Македонија ќе имаат можност да се развиваат во дводневна работилница наменета само за нашите домашни продуценти, со цел да ги развијат своите проекти и да се консултираат со меѓународните експерти.
„Станува збор за ‘Слобода или смрт’ во режија на Владимир Блажевски и продуцент Дарко Попов, ‘Шеќерното дете’ во режија на Игор Иванов Изи, ‘Дедо и внук’ во режија на Илија Пиперковски и продуцент Оги Антов, како и проект Хепинес на Борјан Зафировски“, рече Дарко Башевски, директор на Агенцијата за филм.
На годинешнава работилница, покрај 20-те експерти, учество ќе земат и 48 директни учесници, кои биле прифатени од вкупно 160 апликации.