Претседателот на Туристичко – угостителската комора (ТУК) при Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), Аркан Керим со делегација од комората, присуствува на конференција во Будва во организација на Министерството за одржлив развој и туризам на Црна Гора и Светската туристичка организација (UNWTO).
Темата на дводневната конференција на која присуствуваат еминенти меѓународни експерти од секторот туризам е „Квалитетот како клучен за успех на медитеранската туристичка дестинација“.
Конференцијата ја отвори генералниот секретар на Светската туристичка организација, Талеб Рифаи. Претседателот на ТУК, Керим оствари средба со него и се заблагодари за поддршката за промоција на нашата земја во светот.
„Во фокусот на конференцијата е квалитетот на туристичките производи, кои треба да бидат двигател за успех на медитеранските дестинации. Во оваа насока дискутираме и Република Македонија да биде активно промовирана во медитеранско-балканската туристичка понуда на Светската туристичка организација. Правиме заложби нашата земја да биде промовирана во трети земји како атрактивна туристичка дестинација. Веќе остваривме средби и со комори и организации од Јордан, Турција, Словенија, Хрватска во насока на идно зацрстување и официјализирање на соработака “, изјави Керим.
На конференцијата присуствуваат реномирани меѓународни експерти од областа на туризмот и повеќе од 200 учесници кои во рамки на панел дискусиите ќе имаат можност да ги претстават своите искуства како и искуствата на земјите и компаниите од каде што доаѓаат. Учествуваат и претставници на Европската комисија за заштита на животната средина, рибарство, министерства за туризам на Хрватска, Мароко, Тунис, Малта, претставници на хотели, туроператори, крузинг компании, туристички организации и сл.
Конференцијата има за цел создавање на платформа за медитеранските и балкански дестинации и сите релевантни партнери за дијалог во врска со актуелните и потенцијаните предизвици во насока на остварување партнерство со земјите од регионот.