6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААзиските берзи пораснаа, доларот зајакна а нафтата е под притисок

Азиските берзи пораснаа, доларот зајакна а нафтата е под притисок

aziski-berzi

На азиските берзи во вторникот цените на акциите пораснаа следејќи го подемот на њујоршки Волстрит, бидејќи инвеститорите се надеваат дека Грција до крајот на седмицата ќе постигне договор со доверителите и ќе го избегне банкротот.

На токиската берза индексот Nikkei во претпладневното тргување беше во плус од 1,5 отсто, додека цените на акциите на берзите во Сингапур, Хонгконг, Сеул и Сиднеј, пораснаа меѓу 0,4 и 1,2 отсто. Иако во Шангај им пад за повеќе од 2 отсто, MSCI индексот на азиско-пацифичките акции без јапонските, во вторникот претпладне беше во добивка од 0,5 отсто.

Иако се очекува дека кинеските власти, поради забавувањето на растот на економијата, наскоро ќе воведат поттикнувачки мерки, цените на акциите во Шангај потонаа за повеќе од 2 отсто. Со тоа го продолжија надолното движење, откако минатата седмица се стрмоглавија за 13 отсто.

Доброто расположение на азиските вложувачи дојде благодарение на силниот раст на цените на акциите на европските берзи и на Волстрит, бидејќи изгледа дека Грција и нејзините кредитори следните денови ќе постигнат договор за реформите кои треба да ги направи Атина во замена за продолжување на странската финансиска помош, за да го избегне банкротот и евентуалното излегување од еврозоната.

Грција во понеделникот на Европската комисија ѝ го достави својот нов предлог за реформи, кој како што е оценето претставува добра основа за постигнување договор до средината на седмицава. Кризниот самит на челниците на еврозоната во понеделникот вечерта заврши со пораката дека до средата навечер, кога е закажан нов состанок на министрите за финансии на еврозоната, можно е да бидат довршени деталите од договорот со Грција, но дека останало и уште многу работа која треба да се заврши во кус рок. Доколку биде постигнат договор Атина навреме ќе ја добие запрената транша до 7,2 милијарди евра, со којашто ќе ги исплати меѓународните обврски и нема да биде под опасност од банкротирање.

„Се чини дека ќе биде решен проблемот со Грција, што вистински го подигна расположението на пазарите. Меѓутоа, растот на пазарите не се заснова на фундаменти, па затоа поради загриженоста на инвеститорите во рска со растот на глобалната економија, натамошниот подем на цените на акциите ќе биде отежнат“, вели во анкетата на Reuters Ајако Сера, аналитичарка во „Sumitomo Mitsui Trust Bank“.

Инвеститорите особено ги загрижува слабоста на кинеската економија. Најновите извештаи на HSBC и Markit покажуваат дека PMI индексот на производствените активности во јуни пораснал зод 49,2 на 49,6 отсто, но сепак и натаму се движи под нивото од 50 поени, што укажува на слабеење на активностите во втората според обемот светска економија.

„ОД една страна, извештаите укажуваат на стабилизација на производството и благ раст на новите работи. Но, од друга страна, пак, компаниите и натаму го намалуваат бројот на вработени, што покажува дека се воздржани по прашањето на растот“, коментира Анабел Фидес, економистка во компанијата Markit.

А на валутните пазари американскиот долар зајакна, бидејќи заздравувањето на американската економија по падот во првиот годинешен квартал, предизвикува шпекулации дека американската централна банка (Federal Reserve – Fed) уште во септември може да ги зголеми каматните стапки.

Благодарејќи на тоа, во вторникот претпладне курсот на доларот во однос на јапонскиот јен зајакна за 0,3 отсто, на 123,70 јени. Американската валута зајакна и во однос на европската, па цената на еврото беше помала за 0,7 отсто, на 1,1265 долари.

На пазарите на нафтата, пак, цените се под притисок поради загриженоста дека понудата на енергенсот и натаму е поголема од побарувачката. На американските пазари цената на барелот во вторникот претпладне се лизна за 0,6 отсто, на 60,05 долари, додека на лондонскиот пазар барелот поевтини за 0,4 отсто, на 63,10 доалри.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП