Денеска се испишува нова историја во делот на поддршката на иновативните идеи во Македонија, порача премиерот Никола Груевска пред претставници на 16 нови компании чии проекти беа избрани на првиот конкурс за кофинансирани грантови на „старт ап„ и „спин оф“ претпријатија и иновации, распишан од Фондот за иновации и технолошки развој, кои во понеделникот ги потпишаа договорите со Фондот за нивна реализација во вкупна вредност од 458.700 евра.
„Моето лично задоволство, пред сé, произлегува од мојата длабока убеденост дека развојот на иновативниот и претприемачки дух во Македонија е процес кој треба интензивно да се помага и поттикнува посебно затоа што тоа не било правено во минатото, а процесот е од големо значење за многу развојни сегменти во нашата држава. Овие процеси се особено важни, во прв ред, поради фактот што и по повеќе од дваесет години од напуштањето на социјализмот, развојот на претприемачкиот дух и иновативниот пристап во нашата земја е сé уште на релативно ниско ниво. Тоа не е присутно само кај повозрасните, туку и кај значително мнозинство млади луѓе кои воопшто не го живееле времето на социјализмот, а сепак ги чувствуваат влијанијата од тоа време“, рече премиерот Груевски.
Смета дека уште е „широко распространет менталитетот на пасивна индивидуа и филозофијата“ оти најважна е дипломата, а државата е таа која треба да најде соодветно вработување за таа диплома, без будење на креацијата кај младите луѓе како самите да заработат, да направат бизнис, да се самовработат. „Ова делумно е резултат на воспитанието пренесено од родителите, на образовниот систем во Македонија, кој иако во изминатите дваесет години постепено се менуваше, генерално ја занемаруваше практиката и поттикнувањето на креативниот потенцијал кај младите, но и на немањето слух и поддршка од страна на претходните влади кон поединци и фирми во делот на иновациите и претприемништвото“, додаде Груевски.
Порача дека ваквите состојби како Влада се решени сериозно да ги променат. Притоа потсети дека изминативе неколку години беа преземени бројни мерки и кампањи и конкретни проекти за поттикнување на претприемништвото и иновативниот дух кај населението, да се разбудикреативниот дух кај младите, да ги поттикнат да бидат похрабри, да веруваат во себе и да го искористат максимумот од своето знаење, вештини и идеи.
Тоа Груевски го илустрираше со бројните измени во наставните содржини за основно и средно образование, воведување комплетно нови наставни програми по предмети поврзани со претприемништвото, бизнисот и иновациите, донесувањето национална стратегија за претприемачко учење, како и донесувањето Закон за иновации чиј составен дел е и формирањето на Фондот за иновации и технолошки развој како централна институција за развој и спроведување на националната политика за иновации и технологии.
„Вашите проекти се одличен пример дека Македонија располага со моќни умови, храбри луѓе и со силна база на креативен и иновативен потенцијал“, порача Груевски и искажа надежи дека со овој прв оглас преку Фондот за иновации и технолошки развој ја раздвиживме базата на креативен и иновативен потенцијал со која Македонија располага. Нагласи дека до крајот на годинава е планирано преку ФИТР да се распише уште еден повик за поддршка на иновативни проекти. Вкупниот буџет за 2015 година за оваа намена изнесува 2.280.000 евра, а до крајот на 2017 година вкупно 10 милиони евра за поддршка на овој вид проекти.
Директорката на Фондот Јасмина Поповска изрази задоволство од интересот, бројот на апликации, како и од иновативноста на пристигнатите предлог-проекти на првиот распишан повик за кофинансирање грантови на старт ап претпријатија и иновации.
„Ова беше препознаено и од страна на Комитетот за одобрување на инвестиции составен од меѓународни експерти кои ја донесоа одлуката за финансирање. Успехот се должи и на добрата соработка со партнерите на Фондот, како претставниците на Светска банка, стопанските комори, универзитетите и општините“, рече Попоска.
Во втората половина од 2015 година ќе биде објавен и втор повик за сите инструменти на Фондот со расположлив буџет во износ од милион и 680 илјади евра.
Платформа за навигација и известување во затворени простории, микропроцесорко управување на печки на пелети, изработка на интелигентни лежечки полицајци, системи за домашна автоматизација се дел од 16 – те проекти кои се избрани на првиот повик на Фондот за кофинансирани грантови на старт ап и спин оф претпријатија и иновации.